Сојузот помеѓу Трамп и Ендру Тејт се создаваше долго
Обидите на Трамп да се вмеша во случаите на силување и трговија со луѓе на Тејт во Романија може изгледа чудно, но световите на двајцата се интимно врзани. Уште кога почнав да известувам за Ендру Тејт, пред четири години (за време на што со колегата Џејми Тахсин направивме два документарци, напишавме книга и ги интервјуиравме жените кои го обвинуваат за силување), почнав да го вклучувам алармот за екстремно десничарска дезинформациска мрежа што го врзува со блискиот круг на Трамп.
Рано месецов, Ричард Гренел, специјален пратеник на САД и гласен поддржувч на Ендру Тејт, ја притисна власта во Романија да ги отстрани правните рестрикции врз браќата Тејт, барајќи слободно патување за наводните трговци со луѓе, според изворите кои зборуваа со Фајнаншал Тајмс. Романската власт оттогаш потврди дека навистина постоело ова барање, но негираше дека имало политички „притисоци“.
Долго време се коваше сојузот помеѓу администрацијата на Трамп и браќата Тејт. Паул Инграсија, еден од адвокатите кои Тејт ги најми за случајот на трговија со луѓе, неодамна поднесе заклетва во Белата куќа и стана дел од Министерството за правда во САД. Според него, браќата Тејт биле „жртвувани на олтарот на Матриксот под знамето на ужасни злосторства кои тие никогаш не ги извршиле“
Ендру Тејт еспријател со Трамп Џуниор уште од 2016 година, кој го нарече притворувањето на Тејт „апсолутно лудило“. Самиот Трамп исто така се појави на видео со подлизуркото и соработувачот на Тејт, Адин Рос, во август минатата година. Отприлика во истиот период, ЏД Венс се појави на про-Тејт поткастот Нелк Бојс. Илон Маск го искоментира планот на Тејт да „се кандидира за премиер на Велика Британја“ со „не е во грешка“, а ЏД Венс ги заследи Тејт браќата на „Х“ во декември.
Алина Хаба, којашто сега ја има високата позиција на политички советник на претседателот, има кажано дека е „голема обожавателка“ на Ендру Тејт. „Сочувствувам со тебе“, Хаба му кажа на Тејт на екстремно десничарски поткаст „бидејќи мислам дека го поминуваш истото она што го помина Трамп: Покажи ми го човекот, ќе го пронајдам криминалот… Се согласувам со сè што кажа, ти го чувам грбот, тука, во САД’.
Откако Трамп победи на изборите во 2024 година, Тејт твитна дека овој случај ќе биде одбиен. Тој има пристап до највисоките нивоа во Трамповиот внатрешен круг. Ако, како што вели тој, навистина ја убедил администрацијата да постапува во негово име, тие би се обиделе да се вмешаат во борбата за правда на дузина жртви, во пријавите за силувања и случаи на трговија со луѓе.
Трамп и Тејт имаат многу заеднички точки и двајцата добиваат многу еден од друг. Тие се виртуози на дезинформацијата, посегнувајќи по делегитимација на сомнежи за криминал преку информациски војни. И двајцата се мајстори во гласни и одвратни лични перформанси пред светлата и камерите на Ријалити ТВ (Апрентис за Трамп, Големиот Брат за Тејт), пред да го искористат истиот модел за да доминираат на социјалните мрежи. Таму, меѓу лајковите, споделувањата и алгоритмите, тие учат ека иако вистината и интегритетот не ти даваат ништо, контраверзноста, лагите и екстремизмот лесно може да трансмутираат во слава, богаство и моќ.
Тејт е свесен за вредноста што може да им ја понуди на политичарите. Во јануари, тој нареди на свои соработници да се јават на двајца десни политичари од Романија и да им пренесат: „Ќе добиете многу гласови кога Тејт ќе ве земе на негова страна“, според обвинителите кои ги слушаа разговорите. Додека овој романски политичар на крајот го одби Тејт, администрацијата на Трамп очигледно има понизок морал.
Но Тејт-Трамп алијансата опфаќа повеќе од само ловење гласови, особено сега откако победи Трамп. Тие промовираат теорија на заговор дека УСАИД и мејнстрим медиумите работеле заедно при создавање обвинувања против Тејт. Со таквата поддршка, администрацијата на Трамп создава нова оска на дезинформации за да оди против медиумите и самата идеја за правда и судски процес.
Пред да навлеземе во тоа, да се потсетиме за што точно се обвинети браќата Тејт.
Ендру Тејт е мизогин инфлуенсер и теоретичар на заговор. Обвинувањата против него и брат му се најсилно врзани за вебкам секс-бизнисот што тие прво го водеа во Велика Британија, па во Романија. Тејт и брат му се обвинети за трговија со луѓе, силување, груминг и злоставување на минимум 45 жртви вкупно. Тие ги демантираа сите обвиненија.
Четири од овие жени во Велика Британија водат случај против Ендру за силување или физичко насилство (три од нив претходно го пријавиле Тејт на британската полиција за сексуално злоставување и физичко насилство, но Обвинителството решило да не поведе постапка). Полицијата во Бедфордшајр, која доби и европска потерница, ги истражува двајцата браќа за злосторства на сексуална агресија кон минимум две жени.
Во 2023 година, романските власти формално ги обвинија двајцата браќа за силување, трговија со луѓе и формирање организирана криминална група за сексуална експлотација на жени, именувајќи седум наводни жртви. Обвинителите тврдат дека Тејт редовно силувал барем една од жените, а останатите ги принудувал преку закани за насилство и финансиско уништување. Во 2024 година, тие поднесоа второ обвинение кое споменува 35 наводни жртви на трговија, вклучувајќи една 15-годишна девојка. Браќата ги негираат обвиненијата и постојано ги именуваат како „напади координирани од Матриксот“
Нашата истражувачка работа ја откри Собата на Воена Мрежа на Тејт која тренира мажи како да манипулираат жени за да ги убедат да почнат со сексуална работа. Тејт негира какви било обвиненија и вели дека е подготвен да си ја брани невиноста.
Запознав многу од овие жени. Нивните приказни се ужасни. Многу од нив ми раскажаа приказни за насилно давење. Тејт испратил порака на една од нив: „Сакам кога те силувам“. Кога беше прашан за оваа порака во 2023 и 2024 година, тој не одговори бидејќи ги негираше сите обвиненија за силување. Десничарски „експерти“ се обидуваат да ги делегитимизираат случаите против Тејт, со години.
Кога истапија во јавноста со обвиненијата, многу од наводните жртви беа напаѓани со мизогини навреди од илјадници поддржувачи на Тејт, лажливци од маносфер поткастите како Снико и Фреш ен Фит, и „платени глумици“ на вирални постови на „Х“. Некои од жените исто така беа мета на заплашување на сведоци и насилство. Другиот адвокат на Тејт, Џозеф Мекбрајд, кој работеше со официјалното лице од Белата Куќа (Паул Инграсија) јавно го кажа името на една од наводните жртви (која требаше да остане анонимна) и на поткастот Фреш ен Фит, разговараше за бројот на мажи со кои спиела, што поттикна насилни реакции кон жената на интернет. Уште еден приврзаник на Тејт, самопрогласениот „истражувачки новинар“, Сулаиман Ахмед, се појави во Флорида, пред куќата на родителите на една од наводните жртви. Правната репрезентација на жртвата вели дека тој бил платен од Тејт да ја замолчи нивната клиентка, во заговор што е еквивалентен на „манипулација на сведок“. Судски документи од второто обвинение против Тејт во Романија велат дека откако бил префрлен од затвор во куќен притвор, тој се обидел да плати една од жртвите (15-годишната) 2.500 евра за да им кажува на романските власти „само убави нешта“ за него.
Потенцијалот за манипулација на сведоци и вмешување е една од причините зошто браќата Тејт се ставени под правна контрола. Уште една прилина е дека тие може да се обидат да избегаат од Романија. (Стримерот Адин Рос кажа дека Тејт му рекол како планира да ја напушти Романија и никогаш да не се врати). Тимот на Тејт негира дека има ризик за браќата да ја напуштат територијата.
Со притискање на романската власт да ги пушти браќата Тејт на слобода, однесувањето на Гренел, Трамповиот пратеник, може да се толкува како вмешување во судскиот процес на романската власт и во бројни случаи на трговија со луѓе. Исто така, тој би го кршел Член 41 од Виенската конвенција кој бара дипломатите да не се мешаат во домашните случаи на нивната држава-домаќин. Ако некој е обвинет за слични злосторства во САД, тие речиси сигурно ќе немаат дозвола да ја напуштат државата, и администрацијата го знае тоа.
Па, зошто да поддржиш некој што обвинет за трговија со луѓе?
За тие од нас кои ја следат ситуацијата од близу, јасни се сите знаци за координиран дезинформарциски напад врз медиумите и судовите од Трамп администрацијата, Тејт и мрежата од екстремно десничарски агитатори и „експерти“. Нападните линии на Тејт се поддржани од администрацијата на Трамп, и обратно.
На 3 февруари, Тристан Тејт предложи теорија на заговор на „Х“ дека УСАИД може да биде вмешана во истрагата на браќата Тејт. Часови подоцна, Гренел врати дека Романија била најновиот пример како „програмите на УСАИД се користеле како оружје против луѓето и политичарите кои не биле ‘разбудени’ (woke)“. Импликацијата дека е ‘woke’ да си против Тејт е ново дно за МАГА движењето. Но ова е едноставно најновата амуниција во информациска војна во која Трамп и Тејт се природни сојузници.
Ден откако Гренел искоментира на „Х“, Илон Маск популаризираше и рекламираше објава „УСАИД ја финансира Би-би-си“ (Реалноста? УСАИД дала донација од 1.9 милиони долари на хуманитарната органзација на Би-Би-Си во Индија) Ендру Тејт бргу се надоврза, враќајќи му на Илон: „Вистинското црвено апче е дека сите други финансиери на Би-Би-Си се исто така финансирани од УСАИД. СИТЕ СЕ УСАИД. Пропагандна рака на Матриксот“. (Тејт ги мрази Би-Би-Си поради документарците што ги направив за него, а кои беа поддржани од нив).
На 17 февруари, заговорот еволуираше, со Тејт кој тврдеше дека: „Бајден прв нè стави во затвор. Напад спонзориран од УСАИД. Британски странски служби се длабоко вмешани. Сакаат да лежам затвор поради твитови. Ниту едно обвинение против мене не е вистина“.
УСАИД. Романските власти. Администрацијата на Бајден. Тејт елегантно ги внесува во една голем набабрен заговор којшто сака да го смести во затвор за да го спречи да дели мудрости на младите мажи кои би поттикнале нивно ослободување. Тој го прави тоа со поддршката на Трамп и Маск. (Во јануари, Маск, кој го врати профолот на Тејт откако го купи Твитер, напиша: „Одлична поента“ на објава на „Х“ која вели: „Истата власт и новинари кои го обвинија Тејт за сексуална трговија со луѓе ја занемарија вистинската сексуална трговија со луѓе“. Еден од неговите вработени во „одделот за ефикасноста на власта“ очигледно е обожавател на Тејт).
Паул Инграсија, поранешниот адвокат на Тејт кој сега е во Белата куќа, еднаш напиша блог објава за браќата Тејт во која никогаш не зборува за обвинувањата или за случаите, туку ги обвинува медиумите за користење на браќата како жртвени јагниња за да ги заташкаат „вистинските жртви“ и „легитимните случаи на сексуално насилство и трговија со луѓе“.
Инграсија никогаш не возврати на конкретни обвинувања или докази, ниту даде аргументи зошто обвиненијата се „чиста лага“. Фактите никогаш не се дискутирани. Идејата дека некој може да биде обвинет за ужасни сексуални злосторства и успешно да ги делегитимизира сите обвиненија како политички мотивирана фарса е наводно привлечно за Трамп и неговиот внатрешен круг, во кој има многу луѓе кои самите биле обвинети за сексуално насилство.
Ниту еднаш официјално лице од Трамповата администрација не ги искоментира 48-те наводни жртви (од кои една е американка) кои велат дека биле или силувани, тргувани, злоставувани, или комбинација од сè споменато. Тие заслужуваат судски процес без интриги и вмешување.
Судската независност е законски заштитена во Романија, но во пракса, судиите имаат потпаднато под неправично влијание. Надежно тие ќе ја продолжат истрагата, без разлика на Трамповите придружници.
Инграсија, во неговото критикување на наводните анти-Тејт медиуми, напиша: „Вистинските жртви се повторно заборавени, изгубени под вресоците на оние кои го држат микрофонот на мејнстрим медиумите, кои ги задушуваат, и поради тоа ги влошуваат, легитимните случаи на сексуално насилство и трговија“.
Но овој цитат мириса на проекција. Вистината е обратна бидејќи микрофонот припаѓа на МАГА и Тејт. Предизвикот со кои сега се соочуваат новинарите е да бидат погласни.
Мат Шеа
Извор: Гардијан
Превод: Филипа Сара Попова