Со вакцинацијата ќе ја победиме пандемијата, но треба да го почитуваме редот, порача Заев.

Не сакаме да го нарушиме редот на имунизација со тоа што сме високопозиционирани во општеството со својата општествена функција. Јас и министрите ќе бидеме пример за да ги охрабриме граѓаните да се вакцинираат против коронавирусот, но сакаме да го испочитуваме редот и редоследот на вакцинацијата и предност да им дадеме на повозрасните граѓани и хронично болните, паралелно со најекспонираните и најизложените на пандемијата, порача денеска премиерот Зоран Заев.

– Имаме јасно дефиниран систем на вакцинација под координација на Министерството за здравство кој тера и ќе дојде и мојот ред. Не се сметам дека сум од највозрасните, но се сметам за еден од експонираните и веројатно мојот ред ќе дојде тогаш кога ќе биде потребно да ги охрабриме оние што се мислат, рече Заев во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Нагласи дека никој не треба да се мисли да се имунизира и додаде дека сите ќе треба да го почитуваме редот, да се пријавиме преку своите матични лекари во системот за вакцинација за, како што рече, на најефикасен начин да се избориме со пандемијата.

– Вакцината е борбата со пандемијата и ќе биде успехот на победата над пандемијата што ќе ја постигнеме. Треба да го почитуваме редот на вакцинација и при тоа треба да бидеме и пример за сите за делот на вакцинацијата. Верувам дека нашиот ред ќе дојде токму тогаш кога ќе треба да пратиме дополнителна порака и мотивација за сите оние кои евентуално се уште се мислат дали да се вакцинираат или не, рече Заев и додаде дека очекува да има масовна вакцинација на населението со вклученост на сите.

Back to top button
Close