Со владиниот авион попладнево ќе се евакуираат наши граѓани од Израел, а следните денови и тие од ОАЕ, Катар, Бахреин и Кувајт
Во рамките на процесот за евакуација, заклучно до денеска, во Амбасадата на РСМ во Абу Дабу се евидентирани 505 македонски државјани, од кои 458 престојуваат во Обединетите Арапски Емирати. Од Кувајт е пријавено 31 лице, а од Бахреин 14. Во Доха, пак, се евидентирани 141 македонски државјанин
Се очекува попладнево со владиниот авион да се евакуираат македонските државјани што се наоѓаат во Израел, со што ќе се заокружи процесот на враќање на сите граѓани што побараа извлекување оттаму, информираат денеска од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР).
Во следните денови, според ресорното Министерство, се очекува да започне реализацијата на враќањето на наши граѓани од Обединетите Арапски Емирати, како и оние што се наоѓаат во Катар, Бахреин и Кувајт. За нив е предвидено враќање со реализирани летови преку Кралството Саудиска Арабија.

Зградата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во Скопје / Фото: Принтскрин
„Процесот на евакуација се реализира согласно веќе разработен план, во согласност со безбедносните услови и во координација со надлежните институции“,се вели во соопштението од МНР.
Оттаму велат дека во рамки на процесот за евакуација, заклучно до денеска, во Амбасадата на РСМ во Абу Дабу се евидентирани 505 македонски државјани, од кои 458 престојуваат во Обединетите Арапски Емирати. Од Кувајт е пријавено 31 лице, а 14 лица од Бахреин. Во Доха, пак, се евидентирани 141 македонски државјанин.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, уште еднаш апелира до сите македонски државјани што се наоѓаат во погодените региони (Обединетите Арапаски Емирати, Катар, Бахреин и Кувајт), доколку сè уште не го сториле тоа, во најкус можен рок да контактираат со надлежното дипломатско-конзуларно претставништво или со СОС-бројот на Министерството.
Од ресорното Министерство додаваат дека остануваат во постојан контакт и на целосно располагање на македонските граѓани кои се наоѓаат во подрачјата погодени од конфликтот на Блискиот Исток, како и дека се во редовна комуникација со надлежните локални власти, со цел нивно безбедно и навремено враќање.
МНР вчера информира дека ќе издвои 60 милиони денари (речиси еден милион евра) за евакуација на македонски државјани од земјите погодени од конфликтот на Блискиот Исток. Со одлука на Владата, веќе е отпочната постапка за јавна набавка за организација на чартер-летови за нивна евакуација.






