Со зголемување на казните за насилство врз животни до поголема свесност кај населението

Зголемувањето на казни за насилство врз животните се тенденција насекаде во светот, па и кај нас. Драфт верзијата на новиот Кривичен законик за мачење животни предвидува зголемување на казните, како и проширување на членот со „убивање животни”. Во постоечкиот Кривичен законик, членот 233 се однесува само на „мачење животни”.

Во овој член од сегашниот Кривичен законик се наведува дека „тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година”, како и „тој што со нехранење, непоење или на друг начин изложува животно подолго време на тегобна состојба, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година”.

Со предлог измените во Кривичниот законик, или конкретно за член 314 кој гласи „убивање и мачење животни” се воведува нов став според кој „тој што ќе усмрти животно без оправдана причина или грубо го злоупотребува или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години”.

Со казната од овој став на членот ќе се казни и тој што со нехранење, непоење или на друг начин изложува животно подолго време на тегобна состојба. Тој што делото од ставот на овој член ќе го стори од користољубие, ќе се казни со казна затвор од една до пет години, како и животните ќе се одземат.

Дел од активистите за заштита на животни го поздравуваат овој чекор на надлежните и сметаат дека истиот е во насока на светските трендови и Европската Унија.

 

Како што велат од Здружението за заштита на животни „Анима мунди” за МИА, зголемување на казните во пракса треба да значи подобрување на благосостојбата на животните и поголема свесност кај населението дека убивање и мачење животни е сериозно кривично дело за коешто се предвидени сериозни казни и дека никој од задоволство или каков било вид на порив нема да смее да посегне по животот на кое било живо суштество.

– Секогаш повисоката казна е поголема закана и бара поголем степен на претпазливост и затоа секое зголемување на казна значи и поголема заштита за животните, нагласуваат од „Анима мунди”.

За жал, како што информираат оттаму, не се повикани да дадат свое мислење на оваа тема и од таа причина не би можеле јавно да дадат нивни предлози и дополнителни мислења.

– Промена на закон бара сериозно истражување на светски пракси и закони, доколку би биле повикани би го оформиле соодветно нашиот став и предлог промени, посочуваат од „Анима мунди”.

Според одговорот кој МИА го доби од Министерството за правда, при подготовката на Кривичниот законик биле земени предвид предлози на невладини организации за заштита на животните.

– По објавувањето на ЕНЕР доставени се иницијативи од Невладината организација Македонско еколошко друштво. Драфт верзијата е на ЕНЕР и сите заинтересирани страни може да ги разгледаат измените, да дадат свои мислења, сугестии и идеи по што ќе се пристапи кон изготвување на конечното законско решение, посочија од Министерството.

 

Од Здружението „Анима мунди”, пак, истакнуваат дека дефинитивно е потребна поголема интервенција од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР), како и поголема едукација кај службениците.

– Во неколку наврати сме се соочиле со нивен отпор за постапување бидејќи не се доволно едуцирани дека во вакви случаи треба веднаш да постапат, но мораме да напомниме дека по инсистирање и укажување од наша страна во поголем дел од случаите било постапено соодветно, посочуваат од „Анима мунди”.

Најчесто, според нив, во поголем дел од случаите е потребен јавен притисок, наместо институциите да покренат постапка дури и по допрен глас. Согласно нивните податоци околу 10 отсто од случаите имаат позитивна разрешница во корист на животното.

Од 2017 до 2021 изречени 11 парични казни, ниту една затворска за мачење животни

Во периодот од 2012 заклучно со 2021 година, на територијата на државата се регистрирани вкупно 184 кривични дела „мачење животни”, информираат од МВР за МИА.

Оттаму не одговорија конкретно дали Министерството планира некои активности за превенција од убиства на животни. Исто така, не дадоа ниту коментар во однос на обвинувањата на активистите дека правата на животните постојат само на хартија, а институциите меѓу кои и МВР недоследно или воопшто не ги спроведуваат во пракса.

– Министерството за внатрешни работи презема соодветни мерки и активности против сторителите на ваквите дела со поднесување на Кривична пријава за сторено кривично дело „мачење животни” казниво по член 233 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија, стои во одговорот од МВР.

Според Макстат базата на податоци на Државниот завод за статистика, во период од пет години изречени се само 11 парични казни. Почнувајќи од 2017-та била одредена само една парична казна од 5.001 до 10.000 денари, во 2018 година воопшто не била изречена никаква казна, во 2019 веќе се регистрираат пет парични казни од 10.001 до 30.000 денари. Во 2020 година има две парични казни, како и 2021 година три парични казни од кои една над 30 илјади денари. Во овој период од пет години не била изречена ниту една затворска казна за „мачење животни”.

 

За наведените пет години, сите обвинети лица за мачење животни се мажи. Во 2019 година, дури 12 мажи биле обвинети за ова дело, од кои шест добиле осудителна пресуда, тројца – пресуда за издавање на казнен налог, една пресуда врз основа на признание на вина, кај една била запрена постапката и една ослободителна пресуда.

Од лани, во Обединетото Кралство стапи на сила новиот Закон за благосостојба на животните со што казните за насилство врз животни се зголемија десеткратно. За најлошите случаи на суровост кон животните, казните од само шест месеци се зголемија на пет години во Англија и Велс. Вакви казни уште има и во Шкотска и Северна Ирска.

Како добар пример за заштита на животните може да се земе грчкиот закон, според кој сериозното злоставување на животните е кривично дело што може да доведе до максимална затворска казна од 10 години. Според новите одредби на законот, кој стапија во сила пред две години, во Грција луѓето кои малтретираат животни ќе треба да платат и „глоба од 5.000 до 15.000 евра”. Минималната затворска казна ќе биде една година.

Back to top button
Close