„Соба на бајките“ – Зоран Спасов Ѕоф и „Арс Ламина“ донираа библиотека во Детската клиника – Скопје

Сѐ со цел да им го олеснат периодот на лекување на најмладите во Детската клиника – Скопје и да им влеат надеж и радост во претпразничниот период, авторот Зоран Спасов Ѕоф и издавачката куќа „Арс Ламина“ донираа библиотека. Новото книжевно катче наречено „Соба на бајките“ е сместено на вториот кат на Детската клиника. Визуелно е збогатено со илустрациите од книгата со најубавите бајки на сите времиња „Си беше еднаш“ (издание на „Арс Ламина“), која е со илустрации на Наталија Лукомска. Оваа книга, заедно со уште 100 други книги за деца, сликовници, читанки и лектири на македонски и на албански јазик се најдоа на полиците на библиотеката наменети за сите дечиња што престојуваат во Клиниката. Библиотеката е направена и опремена со средства од продажбата на хит-книгата на Ѕоф – „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“, која беше објавена минатата година.

Директорот на Клиниката д-р Реџеп Мемеди, во негово име, но и во името на сите вработени и пациенти, им изрази благодарност на „Арс Ламина“ и на Зоран Спасов Ѕоф за хуманиот гест и за покажаната висока општествена свест.

– Ова е уште еден голем гест на хуманост. Библиотеката „Соба на бајките“ е опремена со повеќе изданија на детска литература приспособена на возраста на децата кои се лекуваат на нашата клиника. Се надеваме дека сликовниците, лектирите со детска литература ќе го облагородат и олеснат секојдневието на нашите пациенти за време на нивниот престој на клиниката – истакнува д-р Мемеди.

Со оваа донација Зоран Спасов Ѕоф и „Арс Ламина“ ја продолжуваат заедничката мисија да им помогнат на најранливите категории, особено на децата.

– Книгите имаат неверојатна моќ да лекуваат, да подигнуваат и да нè пренесат во различни светови, дури и во најтешките моменти. Се надевам дека децата кои ќе поминуваат време во „Соба на бајките“, во неа ќе најдат радост, утеха и инспирација за време на периодот на оздравување. Заедно со „Арс Ламина“, горди сме што придонесуваме за создавање на овој простор исполнет со приказни кои ќе им ја дадат сила и оптимизам што им се потребни за посветли денови – вели авторот и филантроп Зоран Спасов Ѕоф, кој средствата од сите свои книги ги донира таму каде што е најпотребно. Тој најавува дека и сумата од продажбата на неговата најнова книга „И јас сум Сирма“, која беше објавена минатиот месец, ќе ја намени во хумани цели.

На ова се надоврзува и Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“, подвлекувајќи дека секое дете има право да има достап до книги и едукативни изданија.

– Нашата цел во „Арс Ламина“ е да им овозможиме на сите деца да имаат пристап до квалитетна литература. Со оваа донација ја продолжуваме нашата заложба да им помогнеме на најранливите категории, особено на децата. Му благодариме на Зоран Спасов Ѕоф, со кој ја делиме општествената одговорност за помош таму каде што е најнеопходно и заеднички да придонесеме во создавањето на оваа прекрасна библиотека „Соба на бајките“ во Детската клиника – Скопје. Веруваме дека со оваа библиотека ќе им дадеме извор на надеж во текот на нивниот период на лекување. Се надеваме дека овие книги не само што ќе им понудат моментално растоварување, туку и ќе ги инспирираат да ја покажат својата сила, отпорност и волја. Верувам дека „Соба на бајките“ ќе раскаже една нова, поведра приказна во животот на сите дечиња – изјави Бугариска.

Ова е втора библиотека што „Арс Ламина“ ја донира во Детската клиника, имено, пред неколку години ја обезбеди библиотеката во Дневниот центар „Собата на Жозеф“ – специјализираната просторија за психосоцијална поддршка на децата заболени од малигни болести, која беше опремена по иницијатива на Здружението за борба против рак „БОРКА – За секој нов ден“.

 

Back to top button
Close