Собир на православни верници во Скопје: Eпископот Партениј да биде втор кандидат при изборот на митрополит на Дебарско-кичевската епархија
„Бараме да има втор кандидат, зборуваме за отец Партениј. Во никој случај не сме против новоназначениот монах, кому му посакуваме долг и благодетен живот, многу духовни чеда и големо смирение, какво што го краси дедо Партениј“, порача еден од верниците
Откако архиепископот г.г. Стефан го предложи новоизбраниот монах Георгиј за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија, православни верници денеска одржаа мирен собир на плоштадот „Македонија“ во Скопје, од каде што побараа предлогот на поглаварот на МПЦ-ОА да вклучува уште еден кандидат за иден митрополит.

Тие порачаа дека народот е жива црква во Македонија, додавајќи дека епископот Антаниски Партениј е кандидат на верниците за митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Рекоа дека ова не е протест, туку собир од верници кои за себе сметаат дека се дел од она што се нарекува жива црква.
„Живата црква е несомнено народот во Македонија. Ние овојпат имаме наш кандидат, кој ги освои срцата на илјадници духовни чеда и едноставно само бараме да биде слушнат гласот на логиката. Бараме да има втор кандидат, зборуваме за отец Партениј. Во никој случај не сме против новоназначениот монах, кому му посакуваме долг и благодетен живот, многу духовни чеда и големо смирение, какво што го краси дедо Партениј“, рече еден од верниците на собирот, Илија Ико Каров.
Верниците го најавија денешниот собир откако поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан пред неколку дена го предложи новоименуваниот монах Георгиј за митрополит на Дебарско-кичевската епархија, а предлогот го достави до членовите на Синодот на МПЦ-ОА. Седницата за избор на нов митрополит е закажана за 12 јуни.
Собир на православните верници вчера се случи и во Охрид. Движејќи се низ центарот на градот и извикувајќи „Достоен“ тие побараа кандидат за митрополит на Дебарско-кичевската епархија да биде епископот Партениј.
Собирот е за поддршка на владиката Партениј кој има илјадници духовни чеда, вели во изјава за медиумите верникот Благој Веселинов, истакнувајќи дека „ваквото свештенство денес е компетентно да зборува за духовност, исто како некој што прочитал прирачник како се вози велосипед, а никогаш не возел“.
– Овде сме на овој собир денеска за да дадеме поддршка на нашиот дедо Партениј. Мислиме дека ваквото свештенство денес е компетентно да зборува за духовност исто како некој што прочитал прирачник за тоа како се вози велосипед, а никогаш не возел и ќе не учи како ние да го возиме велосипедот. Така што, тука сме дојдени да му дадеме поддршка на Владиката Партениј кој има илјадници духовни чеда, рече Веселинов.
Во медиумите деновиве беше објавено дека Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан откако го унапредил во јероѓакон и јеромонах поранешниот амбасадор во Ватикан и декан на Богословскиот факултет Ѓоко Ѓоргевски, тој е предложен за митрополит на Дебарско-кичевската епархија.