Собрание на Република Македонија – соучесник во стечајот на Еуростандард банка

Почитувани читатели, во мојата потрага по вистината за стечајот на Еуростандард банка, нема да поштедам ниту еден сегмент, кој што директно или индиректно бил замешан во реализацијата на овој грозоморен чин.

Најнапред, чинот за носење на Еуростандард банка во стечај од страна на Народна банка, бил одамна планиран и се чекало само на погоден момент кога стечајот ќе биде обелоденет. Убеден сум дека многу институции од тогашната Влада на РМ биле запознаени со оваа намера, освен ние семејството Костовски, сопственици на оваа банка и Управниот одбор на банката. Во историјата на предавствата, жртвите биле предадени од најблиските соработници и лажните пријатели. Чувството дека си изманипулиран од оние на кои си им верувал е болна тегобност која не поминува лесно.

Почитувани, да појаснам, не се работи за стечај на обичен правен субјект, говорам за стечај на банка кој претставува силен стопански субјект за севкупната економија во Република Македонија.

Замислете, неколку стотици ангажирани луѓе од страна на Народна банка за пломбирање на главната дирекција и вкупно 340 експозитури низ Македонија беа вклучени за чин кој траеше 30 минути. Јас и моето семејство бевме шокирани. Во моментот кога ви го рушат она што со децении сте го граделе, како да ви го одземале чедото од раце кое со години сте го растеле. Шокот е првиот неартикулиран чин кога ти треба време да се прибереш и сфатиш што те снашло. Потоа следи отрезнување и потрага по вистината. Првата остварена средба беше кај тогашниот и сегашен претседател на Собранието, Талат Џафери. Во двочасовен разговор, согледувајќи ги сите пропусти кои Народна банка ги направи, беше заклучено од страна на господинот Џафери и усно потврдено дека Народна банка не ги користела процедурите кои ѝ биле на располагање за превенција од стечај на Еуростандард банка. После таа средба, Комисијата за финансирање и буџет, предводена од тогашниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и Претседател на Комисијата Тимчо Муцунски, се организираше распит во Собранието, каде учествуваа сите институции задолжени да расправаат на оваа тема. Учество зема Народна банка, првиот Јавен Обвинител Љубомир Јовески, првиот човек на Финансова полиција Арафат и ние акционерите на Еуростандард банка.

Распитот заврши очекувајќи дека ќе следат натамошни активности од страна на Собранието на РМ. За жал, овој распит остана само забележан во аналите на Собранието, без никакви натамошни активности околу расчистувањето на овој стечај.

После вака заташкана ситуација, која ја водеше Комисијата за финансирање и буџет, уследи молк.

Господинот Џафери е веќе недостапен за мене, иако на состанокот ми вети дека и како Собрание и тој како прв човек на собранието ќе се преземат мерки за проверка и контрола на Народна банка. Со заминувањето на господинот Муцунски од позицијата пратеник, Комисијата за финансирање и буџет престана да се занимава со овој предмет.

Политичките партии преку нивните пратеници во Собранието не покажаа ама баш никаков интерес овој случај да расветлен.

Епилогот од неодговорноста на Собранието на РМ е евидентен. Нема спроведено контрола за севкупното работење на Народна банка од страна на Собранието на РМ.

Финансиската полиција го заврши својот извештај. Обвинителството до ден денес, за мене од неразбирливи причини, сѐ уште го води предметот за стечајот на Еуростандард банка на база извештајот направен од Народна банка, кој не е веродостоен.

Истрагата од страна на Јавното Обвинителство сѐ уште трае, иако се пробиени сите рокови за нејзино завршување.

Политичките партии во Собранието молчат. Единствените, кои на своја кожа ја почувствувавме сета негрижа на институциите, се: Македонски пошти, денеска на работ на опстојување, голем број на правни и физички лица, клиенти на банката, вработените во некогашната Еуростандард банка и ние, акционерите.

Реториката останува отворена, како прашање осудено да остане без одговор: кому му служат институциите на Република Македонија, на чесните граѓани или пак на одредени криминогени групи со тотална политичка поддршка?

Трифун Костовски

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close