Собранието ја продолжи расправата за законот за решавање на спорот на Владата со Макпетрол
Собранието попладнево ја продолжи расправата по Предлог-законот за решавање на спорот меѓу Владата и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, по скратена постапка. Законското решение предвидува да му се признае на Макпетрол сопственост на 50 отсто од гасоводот во земјата и да му се исплати цена од 33 милиони евра.
Пратениците на опозицијата сметаат дека предлог – законот е залутан во Законодавниот дом и Собранието нема ингеренции и не може да го завери договорот за купопродажба во вредност од 33 милиони евра. Според опозицијата, не може со закон да се реши спор, за кој има судска постапка.
Пратениците од владеачкото мнозинство сметаат дека со овој закон државата ќе стане сопственик на гасоводот.
Пратеникот Љупчо Димовски од Социјалистичката партија на Македонија истакна дека очекувал од претседателот на Собранието, Талат Џафери да го врати Предлог-законот во Владата, но не го сторил тоа. Тој рече дека парите од 33 милиони евра можеле да бидат употребени за други цели, а не да и бидат подарени на фирма која и така има многу погодности овозможени од Владата.
– Ние сега не разговараме за законот, туку за спогодбата, која е направена врз основа на медијација, која за нас пратениците е сосема небитна. Собранието нема обврска да ратификува спогодба меѓу два домашни субјекти, од една страна Владата, од друга Макпетрол, рече Димовски.
Тој се осврна на член 1 од спогодбата, со кој Макпетрол и Владата поседуваат по една акција во АД ГА-МА, а вредноста на една акција е околу 18 милиони евра. Димовски рече дека вкупната вредност на ГА-МА изнесува околу 37 милиони евра.
– Владата поведе судски спор против Макпетрол. Додека судот не донесе правосилна одлука, основната главнина на АД ГА-МА е поделена на две акции, од кои едната е на Макпетрол, другата е на Владата. Значи, додека не донесе одлука судот, а не Владата. Се поставува прашањето, како Макпетрол ќе и продаде една акција на Владата, која воопшто ја нема во неговите финансиски извештаи, праша Димовски, кој забележа дека не е наведена и сметката на која треба да се уплатат парите.
– Излегува дека Владата ќе го чести Макпетрол 33 милиони евра на граѓаните за фиктивна продажба на акција која не постои во финансиските извештаи, рече Димовски.
Пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска Ванчева, реплицирајќи на излагањето на Димовски, рече дека и тој како и другите пратеници од опозицијата, тргнуваат од претпоставка дека се прави нешто криминално и заткулисно.
– Криминалецот секогаш гледа криминал. Криминално размислува. Никогаш не размислува поинаку па оттаму е тој порив да гледа криминал, рече таа.
Според неа, Владата можела да ја потпише Спогодбата и само да ја извести јавноста преку соопштение. Но, со влегување на спогодбата преку закон во Собрание, се остава можност за демократска дебата во врска со договореното меѓу Макпетрол и Владата.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, неколку пати му се заблагодари на Државното правобранителство, кое не дало согласност за спогодбата меѓу Владата и Макпетрол.
-Државното правобранителство покажа дека се држи до својата надлежност и не подлегнало на сите владини ургенции и притисоци. Државното правобранителство укажува дека склучувањето на оваа спогодба за вонсудско решавање на спорот, од една страна Зоран Заев а од друга Андреја Јосифовски, би предизвикало последици спротивни на имотните интереси на државата и смета дека оваа спогодба не треба да биде потпишана, рече Милошоски, кој додаде дека во текот на 2019 година имало неколку дописи меѓу Владата и Државното правобранителство, но органот задолжен за бранење на имотните интереси на државата секогаш одговарал дека спогодбата е штетна.
Според Милошоски, Заев и Јосифовски со Предлог-законот сакаат спогодбата да биде озаконета од нивините поддржувачи во Собранието, и покрај тоа што Државното обвинителство ја оценило како штетна за државата.
Пратеникот од СДСМ, Панчо Минов во реплика до Милошески, рече дека упатил такви квалификации до реномираното претпријатие Макпетрол, што во парламентите во развиените земји, пратеник губи мандат за такво нешто.
– Ако имаш докази за криминал на премиерот, сигурен сум дека ќе ги доставиш, да се покрене кривично да биде гонет, рече Минов.
Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев рече дека тој и неговиот сопартец Борислав Крмов нема да го поддржат законот и оти ќе го дадат на Уставен суд, кој ќе го поништи оти е противуставен.
-Ние пратениците не сме судии, па да пресудуваме. Парламентот не е суд. Парламентот нема неограничена дејност. Законодавната власт не може да ја суспендира судската власт. Овој закон е невиден преседан. Не може со закон да решавате судски спор. Тој се решава со пресуда или со судска и вонсудска спогодба, рече Апасиев, кој додаде дека ова е случај на вонредно судство за спор кој се води 15 години.
На говорот на Апасиев за реплика се јавија неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот Милошоски, реплицирајќи му на Апасиев рече дека 33-те милиони евра, кои Владата треба да му ги даде на Макпетрол, можеле да се искористат за многу побитни работи во моментов, како набавка на вакцини, помош за медицинските лица, помагање на угостителите, на тутунарите, на студентите, на учениците и за други на кои им е потребна помош.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, во реплика до Апасиев рече дека како и за се друго и овој договор на Заев е пазар, како што беше и пазарот со името со Грција.
– Договор кој никој претходник на Заев не го потпишал со Макпетрол, ниту од ВМРО- ДПМНЕ ниту од СДСМ, реши да го потпише Заев, забележа Николоски.
Седницата продолжи со слични говори против Предлог – законот од страна на пратеници од опозицијата и со реплики и контрареплики на истомисленици.
Уште 30-тина пратеници се пријавени за збор по ова точка. По дадената кратка пауза седницата ќе продолжи во 20:30 часот.