Собранието ќе расправа за избор на Пенов за министер за локална самоуправа

Собранието денеска се очекува да ја отвори расправата за избор на Ристо Пенов за нов министер за локална самоуправа, откако неговиот претходник и сопрартиец Горан Милевски поднесе оставка од функцијата поради лични причини.

Изборот на Пенов беше прва точка на дневен ред на 88. пленарна седница, но расправата по ова прашање воопшто не започна зашто неговиот предлагач, премиерот Димитар Ковачевски не беше присутен на седницата поради неговото патување во Абу Даби.

За денешното продолжение на 88. пленарна седница се најавува и присуството на премиерот Ковачевски.

Ристо Пенов на дневен ред во Собранието, се чека негов избор за министер за локална самоуправа.

Ристо Пенов е поранешен пратеник и градоначалник на Скопје и еден од основачите на Либерално-демократската партија (ЛДП) и нејзин поранешен претседател.

Магистрирал на Правниот факултет во Скопје, а дипломирал на Економскиот факултет.

Доаѓањето на Пенов на министерската функција ќе биде негово враќање на политичката сцена по повеќе од 10 години. Тој е роден на 28 септември 1957 година во Велес, а првата висока функција што ја извршуваше беше градоначалник на Скопје. На функцијата тој се задржа во два мандата (1996-2000 и 2000-2004), а потоа беше и пратеник, исто така во два мандата. Од партиски функции, пак, беше секретар на Демократската партија до нејзиното спојување со Либералната партија во 1997 г., а потоа беше и потпретседател и претседател на Либерално-демократската партија во периодот од 1999 до 2007 година.

Back to top button
Close