Собранието го донесе законот со кој се заоструваат условите за управување и казнената политика за електричните тротинети

– Собранието во рамките на 106. седница ги донесе измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, по скратена постапка, кои се однесуваат на регулирање на учеството на електричните тротинети во сообраќајот.

Со законот се редефинира точка 57 „лесно електрично возило“ од поимите што се употребуваат во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата имајќи ги предвид компаративните искуства на повеќе земји во регионот, како и појавата на нови возила на пазарот, во која категорија спаѓаат и електричните тротинети.

Суштински се интервенира во однос на дозволената брзина со која се движат лесните електрични возила, односно се предвидува максимална брзина од 20 км на час во согласност со препораките на Европската Унија во делот на регулирање на сообраќајот на овој тип возила.

За да се намали бројот на прекршоци сторени со електрични тротинети, се предвидува и заострување на условите под кои тие може да се управуваат – се зголемува старосната граница, односно ќе може да ги управуваат лица со најмалку 18 години возраст. Се заострува и казнената политика за сторителите на прекршоците предвидени во законот, а во конкретни случаи покрај изречената глоба се предвидува и одземање на возилото ако се работи за малолетен возач, пречекорување на дозволена брзина, превезување друго лице, возење под дејство на алкохол. Во законот се извршени и соодветни интервенции во прекршочните одредби во согласност со наведените измени.

Во рамките на 109. седница Собранието попладнево донесе закон за изменување и дополнување на Законот за испитувањето и жигосувањето, односно обележување на огненото оружје и муницијата, по скратена постапка и со европско знаменце.

На истата седница беше донесен и Законот за јавните претпријатија и трговските друштва во сопственост или со учество на Република Северна Македонија, по скратена постапка.

Во Собранието денеска седници ќе одржат собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата и Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите. 

Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески претходно на матичната собраниска комисија појасни дека управувањето со јавните претпријатија, трговските друштва во државна сопственост се одвива во рамките на поставената правна и институционална структура, која се карактеризира со повеќе надлежни институции и разни законски решенија. Притоа, додаде, не е воспоставен целосен интегриран пристап во вршењето на сопственичките функции на државата ниту, пак, постои јасно разграничување на улогата во управувањето што влијае врз координацијата, транспарентноста и ефикасноста во работењето на овие субјекти. ​

– Дополнително, управувањето и следењето на работата на претпријатијата не се во целост унифицирани, а достапноста на податоци и информации за нивното работење е ограничена. Од овие причини се укажува потреба од понатамошно уредување на правната рамка со цел да се обезбеди поефикасно, транспарентно, отчетно управување со претпријатијата во државна сопственост и што ќе биде содржина на овој закон – додаде Ристески.

Според пратеничката од опозицискиот СДСМ, Сања Лукаревска, со овој закон се концентрира конролата кај извршна власт, особено кај Министертсвото за економија и труд, кое, рече таа, станува центар на моќ и централна кадровска и управувачка инстиутуција за државните претпријатија, кои досега беа распределени во повеќе ресори.

Пратениците денеска работеа и по дневниот ред од 105. седница, на која го донесоа Законот за ратификација на изменувањето и дополнувањето на договорот за изменување и пристапување кон Централноевропскиот договор за слободна трговија, во согласност со одлуката на Мешовитиот комитет на Централноевропскиот договор за слободна трговија за олеснување на електронската трговија, донесена на 9 октомври 2024 година.

Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, ја прекина седницата, за продолжението ќе биде дополнително соопштено.

Back to top button
Close