Собранието изгласа формирање Анкетна комисија што ќе ги разгледува трагедиите во Кочани, модуларната болница, „Дурмо турс“ и „Беса транс“

Со 84 гласа „за“, без воздржани и „против“, Собранието денеска во рамките на 72. пленарна седница донесе одлука да основа Анкетна комисија за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите во Република Северна Македонија. Анкетната комисија се формира на предлог на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ и ќе се фокусира на трагедиите во Кочани, во модуларната болница во Тетово и за „Дурмо турс“ кај Ласкарци.
Собранието не ја прифати иницијативата за Анкетна комисија за случувањата во Кочани поднесена од СДСМ, Левица и ДУИ за која гласаа само 28 пратеници. На седницата е донесена одлука и за распишување оглас за избор на претседател, потпретседател и членови на Државната изборна комисија.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, образложи дека Анкетната комисија за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите има за цел да се утврдат сите пропусти за трагедиите во изминатиот период кои резултираа со човечки жртви, со што добиените наоди понатаму би биле испратени до Владата и до Јавното обвинителство за да се лоцира доколку има политичка и кривична одговорност.
„Оваа Анкетна комисија се поднесува заради сериозноста на последиците на трагедиите кои се случија последните неколку години, несреќата во дискотеката во Кочани, несреќата на ’Беса транс’, модуларната болница во Тетово и несреќата на ’Дурмо Турс’ кај Ласкарци“,рече Милошоски.
Според него, целта на ваквата Анкетна комисија е да се разгледуваат сите пропусти и смета дека овие трагедии имаат заеднички именител.
„Кај сите четири трагични несреќи се забележува сплет на пропусти на многу институции, нефункционалност на добар дел од системот и раководители на одредени институции коишто создале една опасна замка за сите четири несреќи, во којашто за жал ненадоместливо имавме загуба на 138 човечки животи. Целта е, исто така, кои било наоди што ќе се добијат да бидат испратени до Владата и до ЈО, кои можат да помогнат во лоцирањето на политичка одговорност и кривична одговорност“,рече Милошоски.
Според него, потребна е неселективност за сите трагични настани за објективно согледување и решавање системски пропусти и недостатоци. Овие четири трагични настани што резултираа со ваква ненадоместлива штета и за семејствата и за целата држава, рече Милошоски, не треба да бидат селективно разгледувани, туку како една целина за да можеме со објективни согледувања да дадеме препораки за поправање на одредени системски недостатоци.
Милошоски упати апел до пратеникот и претседател на СДСМ, Венко Филипче, да даде поддршка за оваа Анкетна комисија, која покрај актуелните ќе ги разгледува и сите други трагични настани.
„Ако гласаме заеднички за една Анкетна комисија без селективност и со истото чувство на емпатија можеме да имаме поголеми шанси да стигнеме до препораки и заклучоци коишто би биле корисни за целата држава и би послужиле за системски корекции за во иднина да се намалат ризиците за вакви трагедии“,рече Милошоски.
Пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски, ја образложи потребата од формирање Предлог на одлука за основање Анкетна комисија за трагичниот настан во Кочани во март 2025 година. Рече дека ова не е барање само на родителите на загинатите 64 лица во пожарот во „Пулс“, туку и на мнозинството граѓани.
На оваа Анкетна комисија, додаде координаторот на пратеничката група на СДСМ, треба да се утврдат хронологијата, околностите, одговорноста на институциите и пропустите за контрола и надзор, прекршувањето на законските и уставните одредби.
Инаку, пратеникот на Левица и претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права, Димитар Апасиев, за 9 декември закажа седница на оваа комисија, на која ќе се разгледува поднесената претставка од „Здружението на граѓани 16 март 2025 година“ или за јавноста познато како Здружение на родителите на загинатите деца во Кочани.
Според него, оваа негова одлука во писмена форма е доставена до сите членови, заменици на Постојаната анкетна комисија. Дополнително се поканети, собранискиот претседател, потпретседателите, координатерите на пратенички групи, премиерот, министерот за внатрешни работи, претседателот на државата и подносителите на претставката.
За да не настане конфузија во јавноста, тој посочи дека станува збор за редовна седница на Постојаната анкетна седница, а не надзорна или јавна расправа.






