Собранието на Македонија не ја изгласа резолуцијата со која се бара Израел да овозможи влез на храна и медицински средства за цивилите во Газа

Собранието на Македонија не ја изгласа предлог-резолуцијата за хуманитарната ситуација во појасот Газа предложена од пратениците Скендер Реџепи, Арбана Пашоли, Рина Ајдари, Муса Џафери, Дијана Тоска, Илире Даути и Сали Мурати.

За резолуцијата гласаа само 16 пратеници.

Во моментов во Собрание само 16 пратеници гласаа за хуманитарна помош за Газа (од кои 6 пратеници на Левица) – односно Израел да дозволи влез на хуманитарната помош. Од народ кој во Втората светска војна издвојува победа против фашистичкото зло и се позиционира на правилната страна на историјата, денес со партии со неоколонијален и вазален менталитет молчиме, додека деца умираат од глад, напиша пратеничката на Левица Јована Мојсоска.

Со оваа резолуција се бараше од државата Израел да овозможи без одлагање влез на хуманитарна помош (храна, медицински средства и логистичка поддршка) за цивилното население во Појасот Газа, во согласност со меѓународното право, како и со одлуките на релевантните меѓународни тела и организации и се упатуваше повик кон Обединетите нации, Европската унија, Исламската Конференција, како и сите други меѓународни организации да засилат дипломатски и хуманитарен притисок врз Израел за прекин на хуманитарната блокада и за подобрување на условите за цивилите.

Исто така ги повикуваме органите на Владата на Македонија да ги искористат сите достапни дипломатски механизми за да се зголеми меѓународниот притисок врз Израел и да се обезбеди хуманитарна помош за жртвите во Газа. Со ова се повикуват сите политички актери целосно да ја поддржат и да се вклучат во овој процес, пишува во неизгласаната резолуција.

Здравствените власти во Газа објавија дека синоќа уште десет луѓе умреле од глад, вкупно 111 во изминатите недели. Меѓу нив и 80 деца.

„Газа страда од масовно гладување предизвикано од луѓе, преку блокадата на хуманитарната помош за палестинската енклава“, изјави шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Back to top button
Close