Собранието не ја изгласа интерпелацијата за работата на министерот Трипуновски

Собранието вечерва, со 62 гласови против, 21 „за“ и ниту еден воздржан, ја отфрли интерпелацијата за работата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Интерпелацијата ја поднесоа пратениците од СДСМ и Коалицијата за европска иднина поради, како што истакнаа, катастрофалните резултати, намалените субвенции, неисполнетите ветувања, падот на откупните цени, блокираните европски средства, коруптивните скандали и огромното незадоволство кај земјоделците. Со интерпелацијата се бараше политичка одговорност и оставка од Трипуновски.
Владејачкото мнозинство ја квалификува интерпелацијата како беспредметна, неоснована и неиздржана, но и како политички маневар за дефокусирање на јавноста од вистинската одговорност за „пустошот, долговите и девастацијата што во земјоделството ги остави претходната власт на СДСМ, предводена од поранешниот министер Љупчо Николовски“. Трипуновски, рекоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, покажа како се работи одговорно, домаќински и транспарентно, а МЗШВ раководено од него, за рекордно време испорача конкретни, мерливи и видливи резултати.
-Сите обвинувања што ги расфрлате како пердуви во јавноста, не се поддржани со аргументи. Довербата што сме ја добиле ќе ја оправдаме, а времето ќе покаже какви политики води ВМРО-ДПМНЕ, а какви водеше СДСМ. Немојте да изнесувате само политички флоскули дека нешто е катастрофално. Дворот беше премногу валкан и презадолжен – таква ситуација наследивме од вашите седум години власт. Да имавте барем малку доблест да работите домаќински и економски, денеска ќе беше многу поинаква ситуацијата, им порача министерот Трипуновски на пратениците од опозицијата.

Тој нагласи дека за посветената работа говорат економските показатели и бројките, а се осврна и на корупцијата, напоменувајќи дека законите мора да важат еднакво за сите.
-Зголемен е извозот за 85 милиони евра во 2025 во споредба со 2024 година, достигна 417 милиони евра. Сите економски показатели покажуваат дека имаме позитивен тренд и во делот на извоз и откупот на земјоделските производи. Согласно податоците во 2025 година во однос на 2024-та бележиме раст во откупот и тоа во четвртото тримесечје за 15 отсто, во третото тримесечје за 10,4 проценти. Од друга страна, се поголем е бројот на индивидуални земјоделци кои својот род го пласираат директно на пазарите, трговските ланци, ресторани. Земјоделците се спокојни, бидејќи имаат вистински партнер во Министерството и Владата, а за штетите што ги наследивме треба многу повеќе време да се санираат, појасни Трипуновски.
Министерот рече и дека во изминатите две години постојано одржува средби со земјоделците. Од собраниската говорница, тој им порача дека останува нивен партнер.
-Интерпелацијата нема да ме поколеба, ниту да ме одврати да продолжам да работам на реформите што сме ги ветле. Продолжуваме со модернизација, инвестиции во системите за наводнување, носење на клучните закони кои ќе значат системско решевање на проблемите. Сакам да упатам порака до земјоделците – вие сте луѓе кои ја хранат нашата држава, знам дека патот не е лесен. Се соочуваме со предизвици и неизвесност, но нема откажување, секое посеано семе, обработена нива и собран род се доказ за вашата жртва и посветеност, но не сте сами, вашата работа се цени, останувам ваш единствен партнер, заеднички ќе работиме за поконкурентно земјоделство, истакна Трипуновски.
Според Емилија Ангелова од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ не може да ги поднесе резултатите на министерот Трипуновски во земјоделството и поради тоа поднесува интерпелација.
-Зборувате за одговорност, а оставивте земјоделци со неисплатени обврски, со ниски откупни цени, со празни ветувања и со чувство дека државата целосно ги заборавила. Да не заборавиме кој беше на власт кога земјоделците протестираа пред институциите. Да не заборавиме кој ги тераше тутунарите, овоштарите и сточарите да излегуваат на улица за да си ги бараат сопствените пари. Да не заборавиме кој создаде систем во кој партиската книшка беше поважна од чесниот труд на македонскиот земјоделец и токму вие држите денеска лекции, рече Ангелова.

Додаде и дека актуелниот министер е цел на интерпелацијата не поради пропусти во работењето, туку поради мерките што ги презел за стабилизирање на состојбите во земјоделството.
-Оваа интерпелација е признание за успехот на министерот. Ако не работеше, немаше да ви пречи, но ви пречи зашто резултатите се видливи. Ви пречи зашто секој исплатен денар е доказ за вашата неодговорност. Ви пречи зашто секој решен проблем е потсетник на вашите промашувања. Седум години имавте власт, седум години имавте министри. Седум години имавте можност да покажете како се работи. Што оставивте зад себе? Разочарани земјоделци, недоверба во институции и чувство дека државата не се грижи за оние коишто ја хранат Македонија, напомена Ангелова.
Нејзиниот сопартиец Зоранчо Јованчев истакна дека целта на оваа интерпелација е да се девалвира работата на министерот и Владата со изнесување лаги и невистини.
-Добриот министер за земјоделство не се оценува по бројот и начинот на изјавите што ги дава, туку според вредностите и резултатите што ги постигнува, а за тоа најмалку може да зборувате вие кои го уништивте земјоделството во Македонија додека бевте на власт изминатите седум години, рече Јованчев и потсети дека Трипуновски воведе методологија за утврдување на производната цена на грозјето, документ што се оценува како стратешки за лозарите.
Според Бојан Стојаноски, СДСМ го уништи земјоделството.
.

-Да имаше реални обвинители, Љупчо Николовски ќе беше во затвор. Да има во оваа држава обвинители коишто се реални, а не како оние коишто го поништуваат МАЗУТ, не како оние коишто вчера оној што ви беше потпретседател го пуштаат од Шутка со гаранција, сега веќе кога го заврши експозето министерот требаше да има комбе и да го спроведе Николовски во Истражниот затвор Шутка за тоа што го направил. За СДС е непоимливо некој кој се огрешил пред законот, а при тоа е функционер, да одговара за сторениот криминал, бидејќи челниците на политичката партија која инфлагранти беше фатена во криминал и која доби поразителни 150.000 гласа од граѓаните, си ги оставила на слобода наместо во затвор. На вас ви е чудно, а како и нема да ви биде кога тој што е најголем крадец од сите, ене го во Струмица недопрен, а вториот ви е лидер на партија. Затоа ви е чудно кога некој ќе ви каже дека фатил некого и го однел во затвор да одговара затоа што крадел, рече Стојаноски.
Димитар Апасиев од Левица оцени дека македонското земјоделство се соочува со сериозен пад на производството и оти актуелните политики не даваат резултати. Според него, државата нема долгорочна визија за развој на земјоделството, ниту ги користи механизмите што во минатото обезбедувале стабилност на производството и приходите на земјоделците. Апасиев посочи дека Македонија станува сѐ позависна од увоз на основни прехранбени производи, иако располага со одлични природни услови за земјоделско производство.

Ние сме земја која е увозно зависна од храна. Земја со 280 сончеви денови – увозно зависна од храна. Ако ги зголемувате субвенциите, треба и производството да расте. Значи нешто ви е килаво во системот, не ви функционира, рече Апасиев.
Осврнувајќи се на откупните цени, оцени дека најголемата добивка ја остваруваат прекупците, додека земјоделците се принудени да продаваат под производна цена. Предупреди и дека државата бележи драматичен пад на бројот на добиток во споредба со претходните децении. Како решение за надминување на кризата, тој предложи враќање на комбинираниот модел на земјоделско производство, заснован на соработка меѓу големите земјоделски капацитети, задругите и индивидуалните производители, како и дефинирање стратешки култури и формирање специјализирана агробанка.
И Сашко Јанчев од Левица посочи дека Македонија ја губи битката за храна.
-Ако ни ги затворат границите, ќе умреме од глад. Работата во македонското земјоделство во континуитет оди во неповрат. Затоа на министерот му е време да си замине, а власта треба сериозно да ја сфати оваа интерпелација како знак за сериозно разгледување на состојбите во земјоделството, истакна Јанчев.

Како алтернатива, тој предложи формирање државни откупни центри кои би ги штителе земјоделците од пазарни шпекулации.
-Решение има. Се вика државни откупни центри кои ќе откупуваат земјоделски производи по фер цени и така ќе ги зауздаат пазарните шпекулации што го уништуваат земјоделието. Но, за секоја десничарска влада тоа е затуцана комунистичка работа, изјави Јанчев.
Пратеникот од СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, потенцира дека Трипуновски ќе остане запамтен како најнеспособниот министер за земјоделство во историјата.
-За само две години имаме намалени и неисплатени субвенции: за говеда од 12.000 на 8.000, за тутун од 100 на 80 денари, субвенциите за овци доцнеа 10 месеци, а тутунарите ни на 10 јуни немаат ниту денар на сметка, откупот од малите земјоделци паднал за 46 отсто, срозени откупни цени: оризот од 40 на 22 денари, млекото намалено за повеќе од 10 денари, преполовена програма за рурален развој: од 1,2 милијарди на 600 милиони, поништени повици за трактори, ниту еден трактор доделен за две години, укинати цели програми за поддршка на микропроизводителите, уапсени директорите на Платежната агенција и на Инспекторатот за земјоделство, ИПАРД беше блокиран поради мито и корупција, првпат по 15 години воопшто не е почнато навремено аплицирање за субвенции, лимитот за големите качен на еден милион евра по корисник, додека малите чекаат и слушаат празни ветувања. Ветуваа спас на земјоделството, донесоа лаги, корупција и блокада. Затоа бараме одговорност и оставка, рече Николовски.
Славјанка Петровска порача дека интерпелацијата е барање за политичка одговорност поради лагите, скандалите и катастрофалните резултати во земјоделството.

Оваа интерпелација не е напад врз личност. Ова е барање за политичка одговорност. Инспирирани сме од сите лаги коишто ги кажувавте изминатите две години. Би било доблесно заради ова малкуте што ги набројав досега веќе да си имавте поднесено оставка. Зад гласните ветувања на Трипуновски, останаа само лаги, скандали, корупција и целосно разочарување кај земјоделците. Велевте дека нема компромис со доброто на земјоделците, сточарите, нивните семејства. Ветувавте чуда, преродба, правна држава, систем. Три отсто од сето тоа да го реализиравте, денеска пред Собрание ќе беа земјоделците и сите тие за кои велите дека сте сработиле во ваша поддршка, истакна Петровска.
И Благој Бочварски рече дека со интерпелацијата се бара одговорност и оставка од Трипуновски. Како што заклучи, по две години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, земјоделството е во полоша состојба, а најголемите жртви се земјоделците кои останаа без ветената поддршка.
-ВМРО во програмата ветуваше 180 милиони евра годишно субвенции како директни плаќања кон земјоделците. Но денес во овој сектор речиси нема никакви резултати, напротив назадување во многу сегменти. Реалноста е нешто сосема спротивно од тоа коешто во програмата вие го предвидовте. Со ребалансот во 2025 година буџетот за субвенции е намален од 7,2 милијарди денари на 6,8 милијарди денари, а во буџетот за 2026 година дополнително се намалува на 6,3 милијарди денари. За две години буџетот за субвенции е намален за речиси 1 милијарда денари, рече Бочварски, додавајќи дека ниту едно од клучните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ во земјоделството не е реализирано.
За интерпелацијата на денешната 104. пленарна седница за збор беа пријавени 32 пратеника.






