Собранието не ја изгласа интерпелацијата за министерката за енергетика Сања Божиновска

Пратениците во Собранието денеска не ја изгласаа интерпелацијата за работата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, поднесена од политичката партија Левица. Со 19 гласови „за“, 63 „против“ и ниту еден воздржан, интерпелацијата беше одбиена.
За време на расправата, пратениците од опозицијата изнесоа обвинувања за недоволни резултати во секторот енергетика, деградација на јавниот интерес, како и за доцнење во реформите за интеграција на домашниот пазар со европскиот. Тие упатија критики и за условите при откупот на струја од фотоволтаичните електрани, барајќи поголема транспарентност.
– Advertisements –
Од владејачкото мнозинство ја бранеа работата на министерката, посочувајќи дека повеќето забелешки се однесуваат на институции надвор од директните надлежности на Министерството, како ЕСМ, ЕВН и РКЕ. Од власта ги истакнаа донесувањето на новиот Закон за енергетика, субвенциите за ранливите категории и инвестициите во нови енергетски капацитети.
На обвинувањата од собраниската говорница се обрати и министерката Сања Божиновска.
Не може политичкото несогласување да се прогласи за незаконитост, a различната визија за енергетиката да се прогласи за кршење на Уставот и не може обвинувањето да стане факт само зашто сте го напишале во вашата неиздржана интерпелација. Функцијата е привремена, одговорноста кон државата останува, а вистината не се утврдува со бројот на пишани критики и со цитати од Вибер, туку со силата на доказите, порача Божиновска.
– Advertisements –
Таа додаде дека поднесената интерпелација претставува можност пред граѓаните да се претстави досегашното работење на ресорот.
Да се биде министер е одговорност и чест. Таа чест се оправдува со работа, со подготвеност одлуките да се носат пред граѓаните. Им благодарам на пратениците што ја поднесоа интерпелацијата, зашто ми дадоа можност целосно да ја претставам работата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Правото да побарате моја одговорност го почитувам. Меѓутоа, ќе побарам и вие да ја прифатите одговорноста за точноста на изнесените тврдења. Живеев, се образував и работев во Западна Европа. Затоа, ќе ми верувате кога ќе ви кажам дека сакам Македонија да биде држава во која министрите редовно даваат отчет пред Собранието, а опозицијата ја контролира власта. Демократијата добива вредност кога граѓаните можат да слушнат конкретно прашање и да добијат конкретен одговор. Сакам да ви порачам дека со внимание ќе ги следам вашите дискусии, дури и оние најпартиските и оние кои имаат цел да ме нападнат за да извлечеме што поодбри заклучци, истакна Божиновска.
Министерката праша и дали расправата се води врз основа на акти и факти или врз основа на обвинувања во кои се мешаат ингеренциите на Владата, Министерството, ЕСМ, РКЕ и општините.






