Собранието почнува расправа за декларацијата за Украина

Собранието попладнево ќе ја почне расправата за декларацијата за поддршка на Украина и за осуда на воената агресија од Русија.

Спикерот Талат Џафери предмалку ја закажа седницата со оваа точка на дневен ред, која треба да почне во 15:30 часот.

Документот е насловен „Декларација на Собранието за осуда на политиките кои го доведуваат во прашање постоењето на европските држави и поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“.

Предлогот е на ЛДП, а меѓу парламентарните партии во најголем дел има усогласеност за донесување на декларацијата.

Предлог-декларацијата завчера требаше прво да се разгледува во Комисијата за надворешни работи, ама беше одложена поради тоа што не беше се уште преведена и на албански јазик.

„Најостро осудувајќи го ‘безобѕирниот’ руски напад врз Украина, како чин на агресија којшто го доведува животот на безброј цивили во опасност и во насока на поголема и посилна европска интеграција, заштита на европскиот и светскиот правен поредок заснован на Повелбата на ОН, Завршниот акт од Хелсиншки и другите европски безбедносни и демократски институции. Свесни дека мирот и заемниот соживот се единствениот начин да се зајакнат демократските темели на државата и на општеството, апелираме до сите политички чинители за одговорно однесување и воздржување од потпалувачки говор и ширење дезинформации кои се спротивни на националните интереси на државата, имајќи предвид дека сме членка на НАТО -се наведува во декларацијата.

Македонскиот државен врв, политичари и од власта и од опозицијата го осудија рускиот напад на Украина. Земјава, исто така, се приклучи на санкциите на ЕУ кон Москва

 

 

Back to top button
Close