Собранието в понеделник ќе расправа за новиот состав на владата

Спикерот на парламентот Талат Џафери за в понеделник во 15 часот ја закажа 104. седница на Собранието на која ќе се одлучува за предлогот за реконструкција на Владата што го испрати премиерот Димитар Ковачевски. Предлогот за реконструкција на владиниот кабинет е за четворица министри и пет заменици министри, а следуваше по преговорите за приклучување на Алијансата за Албанците (АА) во владиното мнозинство.

Прва точка на дневниот ред на 104. седница е предлогот за разрешување на министрите за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, како и на Џемаил Чупи, од функцијата министер без ресор за дијаспора, тројцата кадри од актуелниот коалициски партнер Алтерантива.

Како следна точка е изборот на предложените нови министри, Кренар Лога, за министер за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, сите тројца од редовите на АА, како и на Каја Шукова од СДСМ за министер за животна средина и просторно планирање. Лога ќе го замени Никола Тупанчевски од СДСМ, Меџити треба да биде на местото на Беким Сали од Алтернатива, а Алиу на местото на Адмирим Алити, исто така од Алтернатива. Шукова, пак, доаѓа на местото на досегашниот министер во животна средина Насер Нуредини од ДУИ.

Со реконструкцијата се опфатени замениците министри во ресорите одбрана, правда, земјоделство, образование и здравство. На 104. собраниска седница, според дневниот ред, треба да бидат разрешени Башким Хасани од функцијата заменик министер за одбрана, Абдулќушур Абедини од заменик министер за земјоделство и Лулзим Алиу од заменик образование. Ќе се гласа за новите предлози за заменици министри, за одбрана за каде е предложен Тирон Јајага, за земјоделство за Вјолца Бериша, кадри на АА, за правда – Викторија Аврамовска-Мадиќ од СДСМ, за здравство Маја Манолева, како и за образование и наука – Агим Нихиу од ДУИ.

Коалицискиот партнер во власта Алтернатива, кој раководи со министерствата за здравство и за информатичко општество и администрација, а има кадри и во пониските ешалони на власта, за утре најави седница на Претседателството на која ќе одлучува за натамошното делување.

Back to top button
Close