Социјалдемократите и провизорните утопии

Клучната порака од конгресот на СДСМ деновиве беше дека ќе се продолжи со изградба на општество според социјалдемократските вредности – праведно, правично и хумано.

Се разбира, зад таквите вредност, како заштитен знак во очите на јавноста, застануваат и многу други партии, така што таквите вредности сами по себе всушност не се доволни да го определат идеолошкиот костур што ќе функционира како извор на енергија за прогресивна политика и дејствување.

Во традиционална смисла на поимање на партиско-политучките заложби, социјалдемократската политика обично се сфаќа како континуирана борба за рамноправност во распределбата на општествените ресурси и за еднаквост на луѓето. Но дали наместо тоа развојот често покажува приспособување кон социјалниот јаз во општеството и неправдите кои веќе подолго време се доживуваат како нормална состојба и бесперспективност.

Партиите најмалку сакаат да слушаат споредби од типот – сите се исти, тоа што најмногу ги интересира е власта, фотелјите. Силни вредности зад кои стои партијата не се доволно за да се гради кредибилитет меѓу граѓаните и избирачите. Тоа што е потребно се силни рефроми и јасна алтернатива, бидејќи секоја партија, а посебено оние што се носители на власта, најмногу енергија трошат за да ја засилат својата веродостојност и имиџ на политичката сцена. Но вредностите мора да се остваруваат преку мерливи резултати врз кои се потпира развојот на општетството.

Праведноста и правичноста врз кои ќе се темели долгорочната изградба на општеството се перцепираат поинаку доколку се толерира разгранета мрежа на коруптивни активности и попречување на правдата, ако се прогледува низ прсти дури и кога некој ќе се дрзне бесправно да изгради објект во национален парк или природен резерват, или пак доколку основен белег на кадровската политика и вработувањето е партиската припадност, како влезна врата за успешна кариера.

Алтернативата за многумина други, кои пазарот на трудот го доживуваат како партиска „шведска маса“ во чија близина не можат да припарат, без оглед на квалификациите и степенот на образование, најчесто е иселувањето.

Критериумот на партиска припадност и гласачките симпатии одамна веќе не се предуслов за нови вработувања во западноевропските развиени демократски општества, без оглед дали е во прашање предизборна кампања или пак поделбата на постизборниот колач меѓу победничките партии. Македонските мигранти кои живеат и работат во овие земји многу добро знаат дека вработувањата и контактот со агенциите за вработување функционираат според сосема поинакви премиси. Партиската припадност не е никаков заштитен амблем на челото, кој на каков било начин може да придонесе кон поголема флексибилност и здрава конкуренција на пазарот на трудот.

ПЕС, партија на европските социјалдемократи и социјалисти од земјите членки на ЕУ, своите програмски определби ги засновува врз пораката дека развојот на општествата во Европа треба постојано да се обликува, бидејќи демократските и европските вредности не се нешто што се подразбира, туку секојдневно мора да се освојува и зацврстува. Ставјаќи го пред сè обичнот човек во преден план. Преку унапредување на социјалната и економска правда.

Модерниот развој на Европа, на ЕУ, во многу нешта го обележуваат социјалдемократските вредности и визии. Но моментно на социјалдемократијата не ѝ оди баш најдобро. Во голем број европски земји социјалдемократите се речиси избришани од политичката сцена, а во некои освојуваат околу 15-20 отсто од избирачките гласови. Во еден од традиционалните социјалдемократски бастиони, Шведска, одвај 30 проценти.

Работните места и миграциите се две од најзначајните политички подрачја за кои се залагаат европските социјалдемократи во рамки на ЕУ. Тоа се и вредности кои можат да бидат обединувачки во цела Европа, како поширока основа за европската соработка. Конкуретност не може да се постигне со ниски плати и лоши и несигурни услови при вработувањата.

СДСМ секако сака да се вбројува и да се смета за една од прогресивните социјалдемократски европски партии, нудејќи ја својата широка визија за изградба на праведно општество кое ќе ги штити слабите и ранливите. Но таа слика може да заврши и како одблесок од сопствениот лик од огледалото, зад кое всушност се шири вистинската слика на општеството.

Можеби најмногу затоа што во заговарањето на големите пројекти на партијата кои ќе донесат подобар живот за сите недостасува нешто што еден од најголемите шведски социјалдемократски идеолози, Ернст Вигфорс, го нарекува „провизорни утопии“, односно еден посакуван развој кој сепак не може да се гарантира со сигурност. Затоа Вигфорс утопиите ги нарекувал како спротивен пол на релативизмот. Всушност, проекти кои се реалистични за да можат да бидат спроведени, како иднина која луѓето можат да ја доживеат како нешто остварливо во текот на нивните животи. Можеби и самата ЕУ може да се сфати како извесна провизорна утопија. Бидејќи ништо не би можело да се посакува доколку не е остварливо.

Праведноста и правичноста можат да имаат смисла како обединувачко ткиво на општеството само доколку се базираат врз нови, успешно спроведени и „опипливи“ реформи. Најважното во таа смисла не е голото повикување на клучни вредности, туку оние кои ја водат политиката да знаат, пред сè, во која насока полови бродот, за да можат и на другите да им покажат на морската мапа дека ги гледаат островите во далечината.

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close