Дваесет деца и нивните родители од центар за социјално загрозени ќе се тестираат за туберкулоза

Над дваесет деца и нивните родители ќе се тестираат за туберкулоза. Сите од социјално загрозени семејства кои живеат одвоено, но во еден ист прифатен центар. Се подготвуваат списоците и еден по еден ќе бидат повикувани – децата во Козле, а возрасните на Клинички, објави тв Телма.

Засега официјално е потврден еден случај – дете кое се лекува на Детска клиника и кое се наоѓа во тешка состојба, а најблиските членови на неговото семејство се тестирани и ги чекаат резултатите.

„Јас добив еден список со имиња и презимиња и датуми на раѓање. Тие ќе бидат повикувани и се 21 или 22 деца на број. Сѐ уште не се почнати да доаѓаат. Ние имаме термини во вторник и петок, кога го правиме тој Манту тест, бидејќи истиот се чита по 72 часа. Тие досега седеле цело време заедно. Со тестирањата ќе се заврши во наредните две недели и ќе знаеме кое дете дали има нешто, секако ќе се прави и рентген, а кај тие каде што имаме сомнение ќе одиме и понатаму со иследувањата. Кај тие што се со уредни резултати – нема ништо да правиме понатаму“, изјави докторка Катерина Бошковска, раководителка на одделот за туберкулоза во ЈЗУ Институт Козле, пренесе Телма.

Директорката на Детската клиника, Нацева– Фуштиќ е децидна во ставот дека вакво нешто може да се превенира. Таа го потврди случајот со детето со дијагностицирана туберкулоза кое во моментов се лекува на Клиниката.

„Детето беше во исклучително тешка состојба. И покрај терапијата, после два дена беше ставено на респираторна машина бидејќи затајуваа виталните функции. Навистина е алармантно тоа што во државата може да се јават вакви тешки случаи на туберкулоза кои со децении не сме ги виделе – туберкулозниот менингит и милеарната туберкулоза се тешки облици на туберкулоза кои не би требало да се јават кога постои вакцина во државата“, изјави д-р. Стојка Нацева – Фуштиќ.

За пренос на туберкулоза потребен е близок и постојан контакт со заболено лице.

Туберкулозата се актуелизираше во семејството од Куманово, чие 9-месечно бебе почина токму од оваа болест.

Back to top button
Close