Софија „разочарана и збунета“ од изјавата на претседателот на Словачка во Скопје

Бугарското Министерство за надворешни работи го повика словачкиот амбасадор Васил Гривна на состанок за да го изрази своето „разочарување и збунетост“.

Збунетоста и разочараноста биле резултат на ставот на словачкиот претседател Петер Пелегрини во поддршка на „контрапродуктивната реторика на владата во Република Северна Македонија“.

Генералниот директор за европски прашања Јордан Прванов ги осуди „ставовите изнесени од претседателот Пелегрини, кои во пракса ја оспоруваат валидноста на европскиот консензус од јули 2022 година, усвоен од сите земји-членки на Европската унија (ЕУ), вклучително и Словачка“.

Овој консензус беше утврден во преговарачката рамка на Северна Македонија. Според него, најважниот услов за почеток на вистински преговори за членство во Европската унија е вклучувањето на Бугарите во уставот.

„Длабоко сме разочарани што станува збор за земја-партнер која си дозволува да ја промовира контрапродуктивната реторика на владата на Република Северна Македонија, која постојано бара некого да обвини за недостатокот на напредок во процесот на нејзината европска интеграција. Таквата позиција не е во интерес ниту на стратешката визија на ЕУ за регионот, ниту на граѓаните на оваа земја-кандидат“, рече Прванов, цитиран од прес-центарот на Министерството за надворешни работи.

Порано оваа недела, словачкиот претседател Петер Пелегрини рече дека „ЕУ прави голема грешка и презема ризици“ во процесот на пристапување на Западен Балкан. Според него, Словачка е голем поддржувач на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и оваа интеграција не треба да се злоупотребува.

„Загрижен сум дека пристапувањето нема да се базира на техничка подготвеност, туку на некои геополитички игри и дека ќе има земји во ЕУ кои ќе играат политички игри со цел да го спречат проширувањето“, рече тој.

Министерството за надворешни работи го потсети словачкиот амбасадор дека „напредокот на патот кон ЕУ зависи исклучиво од сопствените заслуги во процесот на исполнување на утврдените критериуми и постигнатите договори“.

Во моментов, ЕК е категорична дека нема да ги промени условите за членство, а тоа го потврди и претседателката на Комисијата, Урсула фон Дер Лајен, за време на посетата на Скопје.

Back to top button
Close