Софија со стратегија до 2030 година, Скопје чека деблокада
Бугарија ги утврдува своите надворешнополитички приоритети до 2030 година, при што односите со Македонија, стабилноста на регионот и зајакнувањето на европската соработка остануваат меѓу најзначајните цели. Според визијата за идниот развој на бугарската надворешна политика, Софија ќе продолжи да ја нагласува важноста на добрососедските односи и спроведувањето на преземените билатерални обврски.

Во пресрет на одбележувањето на првите 100 дена од мандатот, владата на премиерот Румен Радев ја објави Програмата за управување со Бугарија до 2030 година. Документот има 208 страници и ги опфаќа речиси сите области на владеењето.
Бугарија во својата програма за надворешна политика за периодот 2026-2030 година ги задржува членството во Европската Унија и НАТО како основа на меѓународната политика, со акцент на поактивна улога во двете организации и посилна заштита на националните интереси.
Во делот „Активна, принципиелна и национално одговорна билатерална дипломатија“, посебно место заземаат односите со Република Северна Македонија. Владата предводена од Румен Радев најавува поддршка за „добрососедските односи, но тие се поврзуваат со исполнувањето на преземените обврски и со реалната заштита на правата на Бугарите во Република Северна Македонија“.
За реализација на оваа цел е поставен рок до мај 2030 година.
Во истиот дел од програмата се предвидува зајакнување на односите со земјите кандидати од Западен Балкан, односно Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и со Турција. Предвидено е и продлабочување на стратешкото партнерство со Грција и Романија, развој на односите со Кипар и интензивирање на дијалогот со Хрватска.
Во документот се наведува дека Бугарија го поддржува проширувањето како инструмент за стабилност во сопствениот регион.
Меѓу надворешнополитичките приоритети е и продлабочување на билатералните односи со земјите членки на Европската Унија како средство за градење коалиции по приоритетни европски досиеја. Посебен акцент е ставен на Франција, Германија, Италија, Шпанија и Полска, како и на земјите од Европскиот економски простор и Обединетото Кралство.
Во економската дипломатија како приоритети се наведуваат привлекување инвестиции во секторите микроелектроника, вештачка интелигенција, одбранбена индустрија и енергетика, како и завршување на процесот за членство во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Меѓу планираните мерки се и развој на програма за поттикнување на враќањето на Бугарите од странство, поддршка за бугарски организации и медиуми во странство, како и воспоставување единствен меѓуресорски механизам за координирано дејствување при кризи што ги засегаат бугарските граѓани во странство. Во делот посветен на јавната дипломатија е предвидена анализа на, како што се наведува, „тенденциозните и негативни наративи“ поврзани со приоритетите на надворешната политика на Бугарија.
Новата стратегија на Румен Радев за надворешната политика на Бугарија до 2030 година доаѓа во време на интензивни разговори за деблокада на европскиот пат на Северна Македонија.
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, деновиве во повеќе наврати потврди дека имаат контакти со претставници на земјите членки на ЕУ, со европски институции и со бугарски претставници, при што една од главните теми е надминувањето на спорот што го блокира европскиот пат на Северна Македонија.
Според Муцунски, суштината е јасно раздвојување на реформските обврски од билатералните прашања.
„Треба да се стави крај на барањата поврзани со нашиот идентитет, историја, јазик и култура. Сѐ додека постои таква препрека од Бугарија и додека нема јасна поддршка за нашиот европски пат во духот на европските вредности, проблемот останува нерешен“, нагласува тој.






