Соколов од ВМРО-ДПМНЕ: Зад Мијалков и Тодоров стои Заев

По сѐ погласните и почести повици на сегашни и поранешни членови на ВМРО-ДПМНЕ за оставка на Христијан Мицкоски од претседателското место во партијата, опозицијата реагираше дека зад „хорските напади“ стои лидерот на СДСМ, Зоран Заев. ВМРО-ДПМНЕ, сепак, тоа не го стори преку свое, туку соопштение атрубуирано на Иван Соколов, секретар за дијаспора и координација со задграничните комитети на ВМРО-ДПМНЕ и ветеран на партијата.

Очигледно ваквите хорски напади кон ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, имаат еден диригент, а тоа е Зоран Заев.

Исто така, очигледно е што ваквите напади доаѓаат во време кога ВМРО-ДПМНЕ прави напори за обезбедување мнозинство во парламентот, што очигледно укажува дека мотивите зад сето тоа се шансите за тоа, мали или големи, да бидат упропастени.вели Соколов во објава на Фејсбук.

 

„Доктор смрт“ и „главата на режимот“

Според Соколов, чиј став ВМРО-ДПМНЕ го пренесе и преку соопштение, „слугите на Зоран Заев“ служат како параван за да ги оттргнат неуспесите на социјалдемократите. Тие слуги „уценети и клекнати на колена“ сега морале да обработуваат за него.

„Е сега, вистинското прашање е каде беа овие три години да кажат збор за штетните политики на Заев, а во исто време се подготвени гласно да коментираат за состојбите во ВМРО-ДПМНЕ. За нив ова не е никаква борба за принципи, туку борба за спас на криминално стекнатото богатство и купување на слободата.  Интересно е како ‘доктор смрт’ и ‘главната глава на режимот’ станаа најпосакуваните ликови на Зоран Заев. Имено, ќе потсетам дека господинот Мијалков со државна плата дојде до суперлуксузен хотел во центарот на Скопје. Интересно е да одговори која е таа сила што му овозможува закрила и мистериозно ги става во фиока сите предмети што се отворија против него?! Дали тоа што е најдобар другар со Вице Заев му овозможува купување на слободата?“,прашува Соколов.

Својот став, Соколов го завршува со паралела меѓу Мијалков и Пабло Ескобар.

„И да не ја залажува јавноста, на Мијалков му се важни ЕУ и НАТО, колку што на Пабло Ескобар му биле важни демократијата и принципите. Добро е што со ваквите хорски напади под диригентската палка на Заев се последниот крик на печалбарите во политиката и што ВМРО-ДПМНЕ се прочистува од неславниот багаж зад себе“,пишува Соколов.

Ваквата реакција следува откако денеска оставка од Христијан Мицкоски побараа поранешните високи партиски и владини функционери, Никола Тодоров и Сашо Мијалков.

Back to top button
Close