СОНК чека да ги викнат во Владата, а од МОН да каже за изгубените часови
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, очекува тој и другите претставници на Синдикатот да бидат повикани на разговори во Владата во врска со барањето за зголемување на платите на вработените во училиштата и градинките, поради што веќе два дена има штрајк.
„Сѐ уште чекаме покана, дали ќе биде денес, дали утре, не знам. Целиот клуч на проблемот е во Владата. Според тоа, и ќе се знае колку ќе трае штрајкот – изјави Неделков за „Нова Македонија“.
Околу тоа дали ќе се продолжи училишната година или учениците ќе ги одработуваат часовите во саботите, Неделков вели дека сѐ уште очекуваат одговор од Министерството за образование, но потсетува дека досегашната пракса била тоа да биде по скратена програма.
„Сѐ уште немаме информации дали и кога ќе се надоместат часовите, но во координација со Министерството за образование и Бирото за развој ќе направиме скратена програма. Така барем ние планираме и така тоа сме го решавале и за време на минатите штрајкови – вели Неделков.
Денеска е втор ден од штрајкот во училиштата и градинките.
СОНК бара следење на процентот на пораст на минималната плата, односно за 18,4 проценти да се зголемат платите за потоа да се изнајде системско решение и во иднина да не се протестира секогаш кога ќе се зголемува минималната плата.
Владата денеска преку соопштение го охрабрува Синдикатот да го продолжи дијалогот за изнаоѓање трајно решение за раст на платите во образованието, на вториот ден од штрајкот што во училиштата и градинките го организира СОНК.
Нагласуваат дека барањата треба да бидат реални и да произлегуваат од чувството што го налага моментот.
„Растот за платите за вработените во образование и во градинките е во времето на оваа влада и колективниот договор потпишан 2019 година во јуни. Дебатата за новиот колективен договор е шанса за трајно решавање на континуираниот раст на платите. Владата е отворена за дијалог за постигнување систем за раст на платите кој нема да биде условен и предизвикуван од штрајкови и незадоволства. Заедно да најдеме модел за раст кој како со договорот за минималната плата ќе се врзе за порастот на просечната плата и со порастот на трошоците за живот – велат од Владата.