СОНК на разговори во МФ за платите

Претставници на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) вечерва се во Министерството за финансии на разговори околу синдикалните барања за зголемување на платите.

– Денеска ќе работиме во министерството каде што се крои буџетот, очекуваме добра сума што ќе ни ја понуди Владата преку Министерството за финансии, сума која не ќе можеме да ја одбиеме. Значи конструктивен предлог, предлог што ќе го понудиме на членството па тоа како ќе одлучи. Тоа се 18,4 проценти сега и дополнително усогласување на почетната плата односно минималната плата со колективните договори, изјави претседателот на СОН Јаким Неделков пред средбата во МФ.

По средбата на делегација од СОНК во Владата во вторникот, ова е нов обид за договор за исполнување на барањето на Синдикатот за зголемување на платите односно усогласување со минималната во дејностите образование и детска заштита.

По средбата на делегација на СОНК предводена од претседателот Јаким Неделков со Владата на 29 март, Синдикатот соопшти дека од 11 април вработените во училиштата и градинките ќе стапат во генерален штрајк доколку не се исполнат нивните барања.

Владата во соопштение, пак, истакна дека е отворена за континуиран дијалог „со цел изнаоѓање одржливи и системски решенија кои ќе постават рамка која ќе го заштити стандардот и интегритетот на наставниот кадар, а со акцент на стартната позиција врзана со социјалниот статус на вработените во воспитно-образовниот систем како основ за понатамошните разговори“.

СОНК бара зголемување на платите за 18,5 проценти односно нивно усогласување со миниманата плата која од овој месец се зголемува од 15.200 на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефицинетите на сложеност на работни места.

Back to top button
Close