СОНК обвинува дека колективните договори за основно и средно образование не може да се потпишат поради опструкции

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) пред точно една година и десет дена поднел документи за докажување на репрезентативност и до денеска Комисијата за докажување на репрезентативност, која е под директна надлежност на Министерството за труд и социјална политика, не ги зема во обѕир, обвинува првиот човек на синдикатот, Јаким Неделков. Токму поради тоа, тие не биле во можност да ги потпишат колективните договори за основно и средно образование иако биле на прагот на потпишувања откако поминале јавните расправи.

„Ова го цениме како злосторничко здружување на членовите на комисијата диригирани основно се сомневаме од еден центар. Членовите организирано прават опструкција, односно на закажани седници во поседен момент информираат дека не се во можност за присуствуваат. Тоа го прават наизменично и сметам дека се договараат. Тоа истото се прави и со КСС. Целта е да се нема репрезентативност и да не се потпишат колективните договори, а со тоа да паѓа и довербата во синдикатот, рече Неделков и покажа документација за која тврдеше дека ги докажува нивните тврдења“,рече Неделков.

Според Неделков станува збор за преседан, а како едни од главните виновници што се уште не се потпишани договорите, покрај Министерството за труд и социјална политика, тој ги посочи и Министерството за финансии што не обезбедило средства, како и Министерството за образование поради немање на волја и желба.

Тој рече и дека членовите на СОНК нема да седат со скрстени раце шест месеци заради претседателските и парламентарните избори и додаде дека во наредниот период ќе преземат поконкретни чекори. Смета дека и во услови на техничка Влада може да се добие репрезентативност бидејќи не треба да се менуваат закони, туку само да се утврди фактичката состојба.

„Некој за оваа работа ќе поднесе политичка одговорност, а некој и кривична. Нашите членови најмалку шест месеци ќе трпат штета од непотпишувањето на колективните договори со што ќе загубат многу повисоки права од постојните со сегашниот колективен договор кој не е лош, но е доста застарен. Пред се би трпеле во делот на зголемени права за јубилејни награди, регресот за годишен одмор“,кажа Неделков.

Тој нагласи и дека актите кои се изработени во новиот колективен договор се нивни нови „црвени линии“ од кои во иднина нема да отстапат. За се, како што кажа, е информиран и новиот технички министер за труд и социјална политика, а веќе ја информирале и Европската и Светската конфедерација на синдикати, како и Меѓународната организација на трудот.

Back to top button
Close