Сонот на МАНУ се оствари

 

Инаку, никогаш во историјата на Македонија не се случило МАНУ да ја формулира официјалната државна политика. Не и успеа ниту во 2001 кога група академици даде поддршка на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за поделба на Македонија по етнички лини. Предлог рамен на војна. Но, две децении подоцна сојузот на МАНУ со партијата на македонските националисти конечно се реализира. Некни, јавноста беше информирана дека автор на текстот на декларацијата за црвените линии кон Бугарија, кој сеуште никаде не е објавен во својата интегрална форма (!?), е претседателот на МАНУ Коцарев.

Документот, со кој, во делови, се запознававме од говорите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицковски, на академиците Коцарев и Ќулавкова како и група лингвисти и историчари, ги построи партиите во парламентот во единствен блок. Не можеше поинаку зашто во него е запишано  само она што македонскиот народ сака да го чуе. Тоа е наративот кој вели дека не сме млада нација туку стара нација , по „предавството“ со Преспанскиот договор, со традиција барем од средниот век; дека нашиот јазик, иако кодифициран 1944 постои со  столетија и најважното, дека немаме заедничка историја со Бугарија.

Сега, откога со овие ставови се поништија скромните продори кон решение, Македонија е на самиот почеток на дијалогот со Бугарија. Досега кажаното може да се заборави, заедно со надежите за брзо решавање на спорот. Го почнуваме истиот мачен и долготраен процес како со Грција кога одбивме да признаеме дека политиката  и науката која ги постави темелите на македонскиот идентитет во грчката историја и култура беше погрешна. Нешто што дел од  македонската политика и целата македонска историска наука го негираме и  по потпишувањето на Преспанскиот договор. Инаку, се откажавме од антиката дури откога, со заедничка акција на домашниот и странскиот фактор,беше скршен режимот на Груевски. Странскиот фактор сеу ште се труди да ги сочува придобивките од договорот од нападите дома, па америкаската амбасадорка доби инструкции уште еднаш да му ја објасни на лидерот на опозицијата извршната наредба на претседателот Бајден кон оние кои се против Охридскиот и Преспанскиот договор..

Како се случи невозможното: Коцарев и Ќулавкова од МАНУ да ја формулираат домашната и меѓународната политика на Република Северна Македонија, како што сега не ословуваат во меѓународното општество на држави и како казна за нашата национална тврдогавост во блиското минато?

Така што од бојното поле се повлече СДСМ и претседателот  на државата, а просторнот молневито го исполнија противниците на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство и пријателство  со Бугарија. Притисокот врз  некогашните херои кои се спротиставија на македонските националисти, но и на вољата на мнозинството на народот за да ја осигураат иднината на државата во НАТО и да го отворат патот кон ЕУ, вистина,  и за да дојдат на власт, беше толку силен што им ја скрши политичката воља за отпор. Да се зафатат со решавање на бугарскиот проблем за актуелната власт  ќе значеше експресно губење на власта. Сега, откога тргнаа по онаа англиската : ако не можеш да ги победиш, придружи им се, истото може да им се случи само постепено.

Што се однесува до авторите на Резолуцијата, доволно се млади за да го дочекаат исходот во чија реализација треба да бидат вклучени на истакнати позиции.Не, не е ова цинизам. Постои реална опасност минстерот за надворешни работи Османи, кој ќе се обиде да најде пат во стеснетиот дипломатски простор, да биде обвинет за заобиколување на Резолуцијата.

Авторите на документот, всушност, сега имаат поголемо значење од историската комисија. Затоа, МАНУ треба да се зафати сериозно со работа. Како?  Ми фати око едно место од Резолуцијата, цитирано во говор на Мицкоски, во кое се вели дека проблемот ќе се решава и согласно резултатите на македонската и европската(светската, ли беше?) научна мисла.

Доволно е само од МАНУ да докажат дека во сите битни работи кон Бугарија, македонската историска научна мисла е идентична со европската и светската. Во спротивно, ќе зажалат што така директно се замешале во формулирањето на државна политика која народот и државата ги одвела во ќорсокак.

Денко Малески

 

Back to top button
Close