Сонот на штипјани станува реалност – браната Отиња го решава водоснабдувањето на градот

Проектот за кој сите власти констатираа потреба но само на хартија, влегува во својата завршница, браната на река Отиња, најавувана и планирана, конечно почна да се гради во јули 2021 како особена заслуга на локална самоуправа, која ја обезбеди техничката документација изработка на основен проект, ревизија, студија за животна средина, Урбанистички план, согласности од државните институции, обезбедија одобрение за градба и повеќе од 300 милони денари пари од државниот Буџет.

Тоа значи дека деценискиот сон на штипјани за изградба на брана која ќе го реши проблемот со водноснабдувањето во градот станува реалност.

Интензивно се работи на камено земјената брана која со висина од 33 метри која ќе формира вештачко езеро. Акумулациската вода пред сè, ќе биде наменета за водоснабдување со технолошка вода за потребите во Штип и интервентно дополнување на водоводниот систем.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски кој како Градоначалник даде приоритет на овој габаритен проект, вели дека градбата се очекува да биде завршена за една година. При увид на градежните работи, на минирањето на локалитетот Попова чешма, тој истакна дека Владата во изминатите 4 години ставила силен фокус на реализацијата на инфраструктурните проекти, а токму тоа го покажала и реализацијата на капиталните инвестиции од рекордни 710 милиони евра во 2023 година.

„Изградбата на браната во Штип беше предизборно ветување во многу кампањи и на многу политичари изминатите 4 децении и особено ми е драго што токму денес овој проект го реализираме и се работи со силна динамика на терен. Со денешното минирање обезбедуваме околу 5.000 метри кубни материјал за доизградба на браната. Оваа година за доизградба на браната во буџетот на Министерството за транспорт и врски имаме предвидено околу 130 милиони денари, со што очекувам веќе наредната пролет да биде завршен овој објект и да биде ставен во функција за потребите на градот и на граѓаните, а сите знаеме какви бенефити ќе има овој проект за Штип и за целиот регион, вели министерот Бочварски.

Браната на река Отиња на Штип ќе му донесе промена на климата, ќе го зашти градот од поплави, но и место за рекреација и нова туристичка атракција. Ќе се намалат високите летни температури, но и ќе влијае на зголемување на зимските температури. Дополнително се создава биолошки минимум во коритото на река Отиња, а ќе се користи и за наводнување на зелените површини. Ова ќе биде место за рекреација на штипјани, но и на сите граѓани во државата. Ќе биде можност за иден развој на градот во наредните години и децении. Со изградбата на браната ќе се создадат услови за изградба на викенд-зони, шеталишта и повеќе други рекреативни елементи.

Штип е еден од ретките градови што нема никаква акумулација во своја близина. Браната ќе носи еколошка и економска корист, па наместо со вода од водоводот, зелените површини во градот ќе се наводнуваат со водата од браната. А браната ќе служи за развој на туризмот и развој на спортовите на вода, за низ речното кориот на Отиња по течението низ градот секогаш да го има биолошкиот минимум и со тоа климата преку лето да стане поподнослива. Покрај ова ќе се развие спортскиот риболов, ќе се изградат викендички, ќе се направи зона за спорт и рекреација…

Back to top button
Close