Сообраќајната полиција ги засилува контролите по дебарските патишта

– Со цел подигнување на сообраќајната култура кај возачите на моторни и други возила, но и на сите учесници во сообраќајот и доследно почитување на одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот засилени се контролите по патиштата во Дебарско.
Тоа посебно од последните две седмици по видно зголемена фрекфенција на возила, откако во родниот крај почнаа да пристигнуваат печалбарите, а се очекува нивниот број да се зголемува посебно од втората половина на овој месец.
– Вчера во периодот од 18:00 до 24:00 часот, при извршени контроли на подрачјето на дебарското одделение за внатрешни работи, кое со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа, полициските службеници регистрираа и санкционираа четири возачи на мотоцикли. Исто така деновиве евидентирани се три прекршоци за неносење заштитен шлем, направени од возачи на мотори на кои изречени им се соодветни санкции, изјави Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.

Во претходно спроведената засилена контрола, полициските службеници санкционирале 18 возачи на патнички моторни возила кои ја надминале дозволената брзина на движење, од нив петмина управувале автомобил со поголема брзина од пропишаната во населено место, додека останатите 13 надвор од населено место.
– Акциските контроли во сообраќајот ќе продолжат кон сите учесници во сообраќајот и ќе бидат интензивирани во текот на летната туристичка сезона со цел доследно почитување на одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и елиминирање на можностите за сообраќајни незгоди, посочува Димоски.
Во летниот период од западно-европските земји, каде што живеат работат во дебарско-реканскиот крај и Жупа, прстигнуваат по најмалку 10.000 печалбари,кои главно приситигнуват со патнички моторни возила.






