СДСМ: Се преземаат конкретни дејствија за уривање на дивоградбите со кои се загрозува Охридското крајбрежје

Сooпштение на СДСМ:

Заштитата на културното и природното наследство во Охрид и Охридскиот регион се многу важни.

Надлежните институции преземаат конкретни дејствија за уривање на дивоградбите со кои се загрозува Охридското крајбрежје, кое е заштитено од УНЕСКО и признаено како светско културно и природно наследство.

Изминативе денови, интензивно се отстрануваат нелегално изградени објекти на плажата „Немо“ во Охрид.

Се преземаат активности за отстранување на урбаната опрема и остатоците од објекти кои се лоцирани на крајбрежјето на Охридското Езеро, на потегот од „Горица 3“ до ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања во населбата „Свети Стефан“.

Се отстранува урбана опрема и градби кои се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план, по што ќе се отстранат и останатите објекти, потпорни ѕидови, шанкови, метални конструкции и натстрешници, кои исто така се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план и навлегуваат во КП 1/1 Охридско Езеро.

Со конкретен план и стратегија ќе се отстранат дивоградбите, со што 25 плажи долж Охридското езеро ќе се вратат во првобитна состојба.

Тоа ќе придонесе за намалување на негативните влијанија врз квалитетот на водите, биолошката разновидност и пределските карактеристики, како и зачувување на УНЕСКО статусот.

На овој начин се спроведуваат мерките за заштита на крајбрежјето утврдени со  Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, што Владата предводена од СДСМ го усвои во јануари 2020 година.

Ред мора да има, мора да се заштити охридското крајбрежје. Нема толеранција за никој, ќе се преземат конкретни мерки против секој кој на каков било начин го уништува ова наше културно и природно богатство.

 

Back to top button
Close