Соопштение на ВМРО-Народна партија за изборите
ВМРО-Народна партија оценува дека изборите поминале во мирна и демократска атмосфера, а со тоа се потврдува и фактот дека Македонија е етаблирана демократија во поглед на изборните процеси.
За жал мораме да констатираме дека и на овие избори се потврди тоа дека изборниот модел е надминат и дека големите партии се непотребно фаворизирани со овој систем, а малите политички партии претрпуваат порази несоодветни на нивните гласачки тела.
ВМРО-Народна партија со жалење констатира дека благодарејќи на изборниот модел кој го фаворизираше ВМРО-ДПМНЕ доживеавме македонскиот етникум да е најмалку застапен досега во историјата на македонските избори.
Исто така ги повикуваме стратезите на ВМРО-ДПМНЕ кои се бореа за овој изборен модел да признаат дека овој пат со ова залагање си го нанесоа својот најголем пораз и веруваме дека после овие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе биде најголемиот застапник за „Македонија – една изборна единица“, секако доколку има таму некој кој може да направи едноставна анализа на работите.
Уште еднаш го потсетуваме ВМРО-ДПМНЕ дека патриотизмот не е во паролите и во натписите на маиците туку и во конкретните дела и чекори за кои се залагаме.
Центар за комуникации на ВМРО – Народна партија