Соопштение од Вила Водно: Ангеловска-Бежоска е гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија, а Сиљановска-Давкова само претседател

Кабинетот на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, вчера рече дека таа ја примила на средба гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска.

 

Станува збор за прва средба на Сиљановска-Давкова со гувернерката, по нејзиниот избор за претседател на државата, но и една во серијата приеми во нејзиниот кабинет на претставници на домашни институции и на странски држави во земјава.

Но, она што е забележливо во соопштението за средбата со Ангеловска-Бежоска се два моменти. Едниот веќе познат, а другиот нов.

Во официјалната комуникација со медиумите, Сиљановска-Давкова повторно е наведена само како претседателка без да е наведено на што е претседателка, односно без се споменува името на државата – Република Северна Македонија или, пак, само Македонија, како што кажа претседателката при давањето на свечената заклетва во Собранието на 12 мај.

Од друга страна, пак, првпат во соопштение од кабинетот на претседателката на државата се спомнува уставното име на државата.

Имено, Ангеловска-Бежоска во него е наведена како гувернерка на Народната Банка на Република Северна Македонија.

„Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка на Република Северна Македонија. На средбата, прва по нејзиното стапување на функцијата, претседателката Сиљановска-Давкова беше информирана за тековната работа на Народната банка и остварувањето на предвидените цели, насочени кон постигнување и одржување на ценовната стабилност и кон одржување на стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем“,се наведува во соопштението кое е објавено на официјалната веб-страница на претседателката на државата.

Како што е веќе добро познато, Сиљановска-Давкова опстојува на ставот дека со тоа што не го користи уставното име на државата, пред сè во вербалната јавна комуникација, не го прекршува Преспанскиот договор, но во духот на слободата на изразување на мислата, слободата на самоидентификација и слободата на самоопределување претпочита да употребува македонски или Македонија.

Back to top button
Close