Сопругата на Андреј од ДНК до пратениците: Никој не треба да живее во мислата дека некој можел да биде спасен, а не бил

Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на пејачот Андреј Ѓорѓиески од ДНК кој загина во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, денеска на маршот во Скопје, ги повика пратениците да помогнат во потрагата по вистината за трагедијата.

Таа во име на семејствата на загинатите, побара пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за, како што рече, целосно и независно испитување на случајот.

„Бараме да се утврди зошто институциите задоцнија. Никој не треба да живее во мислата дека некој можел да биде спасен, а не бил. Никое семејство не треба да носи болка, која е последица на ваков пропуст, негрижа или недејствување. Бараме да се утврди вистината, каде се случиле пропустите, кој не реагирал, кои институции задоцнија, кој ја имал должноста да спречи, а не спречил. Бараме посебна анкетна комисија, затоа што имаме право сите на вистина. Истражувањето што се водеше остана нецелосно, со многу отворени прашања, без одговор и недоразјаснети околности. Ние семејствата останавме со сомнеж дека вистината овојпат е сокриена“, кажа Ѓорѓиеска во говорот пред закондоавниот дом.

За неа, трагедијата во Кочани претставува сериозна навреда на најосновните човекови права – право на живот, на безбедност и право на навремено и ефективно постапување на институциите во ситуација со закана на живот.

Таа вели дека Анкетната комисија е неопходна за проверка на постапување на сите институции од локално до централно ниво, да се утврди евентуална политичка или службена одговорност и да се подготват мерки кои ќе гарантираат дека ваква трагедија никогаш повеќе никому нема да се случи

Back to top button
Close