Сопругата на Македонецот обвинет за убиство на жена во Грција: „Невин е, го поддржувам до смрт – никогаш не погледнал друга“

Сопругата на македонскиот државјанин осомничен за убиството на 45-годишната Ставрула Левендаки на Крит тврди дека нејзиниот сопруг е невин и дека случајот претставува заговор против него.

Пред неговото денешно појавување пред судот, таа во изјава за грчката телевизија Мега изрази целосна поддршка за сопругот и категорично ги отфрли обвинувањата.

„Сигурна сум дека е невин. Го поддржувам до смрт. Мојот сопруг никогаш не погледнал друга жена, ниту кога бил помлад, ниту сега по 20 години брак“, изјавила таа.

Сопругата ја опишала Левендаки како „чудна жена“ и повторила дека верува оти нејзиниот сопруг е жртва на заговор.

Во меѓувреме, грчките медиуми објавија аудио-снимка од разговор меѓу осомничениот и братот на убиената жена. Според објавеното, тој во разговорот изразува загриженост за нејзината состојба и вели дека сака таа да биде пронајдена.

Случајот со недели ја бранува грчката јавност. Македонскиот државјанин, кој живеел како потстанар во имотот на Левендаки, е осомничен дека ја убил жената, а потоа го сокрил нејзиното тело на нива во близина на Ханија.

Според досегашните информации од истрагата, осомничениот наводно признал дека по расправија со сопственичката на куќата дошло до фатален инцидент. Истражителите соопштија дека тој им го покажал местото каде што било пронајдено телото.

Back to top button
Close