Сопругот на наставничката од Неготино која беше приведена и сместена на психијатрија бара адвокат:Животите ни ги уништија
Појаснува дека неговата сопруга поминала околу два месеца во установата во Негорци, а потоа и било дозволено да остане на домашна нега во домот на нејзините родители во Гевгелија. Неколкупати неделно задолжително ја носеле на контрола во психијатриската болница во Негорци, и не знаел кога конечно ќе била пуштена да си дојде дома и да продолжат со животот, пишува Фокус.
-Кога и да ја посетам сопругата, таа плаче и бара да и помогнам, сака да се врати. За нас јасно е дека овде нема повеќе живот, синот ни студира во Словенија, размислуваме да заминеме и ние таму. Овде бевме луѓе кои животот го посветија на образованието, на крај дојде ред да не можеме да излеземе на улица. Мене ми вртат грб сите кои сум ги познавал, на кои сум им помагал, заедно со сопругата сме работеле со нив или со нивни деца, подготвувајќи ги за стручни предмети, ми вртат глава колеги, познаници… Се плашат да ме поздрават, бидејќи Неготино е мало место, сите се поделени на табори, или си со едните, или си со другите. Се прашувам дали ова ќе се случеше доколку мојата сопруга не конкурираше за директорка во училиштето, оти кога обелодени дека има директорски амбиции, започна нашата голгота и се соочивме со невидени притисоци. Имам обемна документација, вмешани се многу луѓе во оваа хајка која ни се направи само за да ја тргнат сопругата од пат, од ситни функционери до високи партиски личности. Затоа барам адвокат кој ќе се нафати да ме застапува, сакам да излезе вистината на виделина. Каде се сите институции, зошто замолкнаа, иако настанот е јасен како ден? Ќе одам до Европскиот суд за заштита на човековите права во Стразбур, сакам светот да дознае како се уништуваат животи во Македонија!-реагира Симонов, и потенцира дека има бројни докази со кои ќе откриел какви игри се играле во позадина на целиот случај.
Вели дека приведувањето на неговата сопруга се случило за време на верски празник, кога дома имале слава. Сам ги поминал и Божиќните празници, во четири ѕида, и се надевал дека сопругата ќе му се врати дома за кратко време. Но, како што раскажува, пет месеци трае нивната голгота, и сила му дава надежта дека ќе дочекаат правда.
…