Сопствениците на депонијата во Визбегово се извинија на граѓаните и новинарот: „Реагиравме со срце, немавме зла намера“
По инцидентот од 9 јули 2025 година, кога во близина на складиштето на АСД Метал Груп избувна пожар, а против две лица – Маја Караманова и Александар Николчев – беше поднесена кривична пријава за напад врз службено лице, компанијата упати јавно извинување до засегнатите лица и јавноста.
Во писмено соопштение потпишано од управителката Маја Караманова, компанијата се извини на новинарот Авни Тахири и снимателот Шенол Хајредини, кои биле нападнати, наведувајќи дека ситуацијата се одвивала во моменти на „голем стрес, паника и неизвесност“.
„Тоа беа моменти на силна емоција, во кои никој од нас не постапил со умисла или зла намера, но сепак можеби предизвикал чувство на навреда, загрозеност или непочитување“, стои во писмото.
Од АСД Метал Груп нагласуваат дека немале намера да попречат службено лице и дека постапиле инстинктивно поради страв за личната и колективната безбедност.
„Сите сме луѓе. Кога пламен е закана за живот и имот, реагираме со срце, понекогаш и без контрола“, велат од компанијата, изразувајќи подготвеност да надоместат евентуална штета – било материјална, професионална или лична.
Тие се извинија и на граѓаните кои беа вознемирени и засегнати од пожарот, а од компанијата порачуваат дека се надеваат на брза и темелна истрага од институциите, за да се утврди причината и да се спречи повторување на вакви инциденти.
Извор: skopje1.mk