Сопственикот тврди дека галијата на Вардар се урива незаконски

Сосема незаконски, без судска одлука и без какви е да е долгови се урива галијата на Вардар, реагира денеска инвеститорот кој управува со овој објект. Управителот на фирмата „Сервис АД“ Жарко Миленковски во дописот за медиумите тврди дека правниот акт врз основа на кој е поставен бродот се уште е во сила. Галијата е изградена со пари од приватен инвеститор државјанин на Р. Бугарија.

–Вкупните инвестиции на бугарскиот инвеститор во Македонија се над 40 милиони евра. Инвестицијата во овој брод е над 1,2 милиони евра. Град Скопје нема никакво побарување кон нас, а патем Град Скопје нема инвестирано ниту еден денар. Не е укината дозволата за поставување на урбана опрема, што значи правниот акт врз основа на кој е поставен бродот, се уште е во сила. Ова е срам за Македонија. Ова е странска инвестиција. Бараме од Градот да не ја нарушува довербата на странските инвеститори со ваквите потези, потенцира Миленковски.

Во тек биле два судски предмети, од коишто за едниот утринава било одржано рочиште и не може да се руши на сила додека нема судска одлука.

-Бараме да ни се гарантира правото на фер судење без мешање и притисок од Градоначалникот Петре Шилегов, кој е бивш адвокат и на повеќе наврати јавно го критикуваше судството и судиите. Ние не сме виновни ниту за пандемијата ниту за политиките на бившата власт, ниту треба да трпиме штета поради ветувањето на Градоначалникот дека ќе ги руши галиите, стои во дописот до медиумите.

Од фирмата објаснуваат дека имале упатено неколку писмени барања до Град Скопје на кои не добиле одговор.

-Плативме се 100 отсто и по една недела добивме информација дека еднострано е раскинат договорот. Град Скопје нема никакво побарување кон нас, односно немаме никаков долг, нагласува Миленковски.

Спротивно на ова, градоначалникот Петре Шилегов денеска изјави дека сите услови се исполнети галијата која го попречува текот на реката да биде отстранета.

-Нивната жалба беше одбиена од Апелациониот суд, исполнети се сите правни услови. Демонтажата ќе ја врши ЈП „Улици и патишта“, а потоа фактурата ќе биде испратена на сопственикот. Градот нема да има никакви финансиски импликации, кажа Шилегов.

Back to top button
Close