Соте Строганофф
Знаете ли кој е најдобриот начин во оваа држава, да ја започнете функцијата за која ве избрале граѓаните и со тоа да ја бетонирате политичката кариера како почеток на сите успеси и подвизи? Да се прекрстите, се разбира, онака како што тоа го стори новиот градоначалник на Општина Карпош, Сотир Лукровски, како што гордо и еуфорично го објавил на социјалните мрежи сопственото прво влегување во Општината.
Слободно погледнете го видеото, влезот на голема врата е со милозливо прекрстување и очајничко мрморење на молитва во себе, богати, како да влегува во предворје на полураспаднат храм, каде што се води беспоштедна крстоносна војна, а шпанската инквизиција го чека во заседа да го киднапира и да му пресуди според немилосрдниот закон на средниот век, за да се сотрат никулците на Ренесансата.
Си вели така градоначалникот Соте, во себе си држи монолог: “Фала ти боже за оваа историска победа, овој метеорски успех, да се биде градоначалник, лидер, татко на улиците и сокаците, на ѓубрето и смрдеата, какви височини невидени и недостигнати досега. Само ти боже можеш да ме водиш во победи и подвизи, о, да, во овој дебакл од земја само ти си компетентен, квалификуван и професионален советник на изгубените и натажените, што не знаат поинаку, што не разбираат како и зошто, но и каде побогу сме сега и каде сакаме да одиме, ако е тоа воопшто неопходно”.
Ги мислите млади, модерни, прогресивни, вистински мотори на големи идеи, лидери на иноваторите, водачи кои се изградиле како сериозни визионери, чија единствена цел им е да го сменат барем за момент животот на луѓето, да направат од него подобро место за живеење. А тие кутрите, но не е и некакво големо изненадување, тие не мрднале ни милиметар од чудата на Свети Ѓорѓија кој се бори со аждаите, се закопале во црквените молитви и спасот само таму го гледаат, па и не претаат, од страв да не се помрднат од мракот, да не ги нападне светлоста на останатиот свет, кој сепак се држи и опстојува со напредок кога го водат големи градители и уште поголеми мислители.
Барем да сонуваа и мечтаеја за ситни, но не и безначајни револуции, да работеа и се бореа за уште поголеми дела, тогаш кога се крстат и пеат за Даме Груев, Гоце Делчев, Питу Гули, барем тој век да го достигнеа, никој од нив не бара по несигурните патишта на нашиве херои за борба за подобро утре-да тргнеа.
Но, не. Нашиов Соте и сите наши Сотевци во божјата волја го гледаат начинот на кој ќе му служат на народот, на граѓаните. Ако даде милиот бог, ќе има чистење на улиците со вода, ако дозволи пресветлиот господ, ќе ги урнеме дивоградбите и ќе ги казниме корумпираните, ако боже дадеш, ќе ставиме крај на беззаконието и хаосот, на дивеењето низ улиците, низ болниците и школите. Конечно, овие последните, школите, тие треба да бидат нашите пресвети храмови во кои ќе се крстиме и молиме, да ја бакнуваме земјата по која газат вистинските луѓе потребни за оваа земја.
А тие, тие што си велат, нашиов Соте и сите Сотевци како него, израснати од краишта каде се родила еден Блаже Конески, една Светлана Мојсова, еден Тесла, а само првиот решил да остане тука докрај, па одел десно за да побегне од оние кои лево тргнале, да не ги сретне, да не знае за нив повеќе.
Си повторуваат тоа молитвите:”А ако не биде така, боже мој, еден е господ, а тој најдобро знае што нас ни треба. Соте Строганофф ве молам, посочен, ама и поразреден и погуст во исто време, затоа што само за такви чуда сме избрани, за тоа сме само способни”.







