Сотирова Бухова: Предлог заклучоците на Анкетната комисија за Онкологија се неиздржани и се политички реваншизам
Поранешната директорка на Државен санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова Бухова преку пишан допис до медиумите реагира на предлог заклучоците за нејзина политичка одговорност на собраниската Анкетна комисија за случајот со Онкологија.
– ДЗСИ нема никаква законска надлежност во делот на препишување на терапија, распоредување на терапија и контрола над начинот на кој се аплицира терапијата. Во прилог на ова говорат и законските надлежности на инспекторите од ДЗСИ, од каде е јасно дека инспекторатот не е органот кој е надлежен за преземање на активности и проверки во конкретниот случај. Дополнително во рамки на инспекторатот додека јас сум била директор немало никаква пријава и инспекторатот немал никакви сознанија за евентуални неправилности, за да реагира и ги проследи сознанијата до надлежните институции, наведува Сотирова Бухова.
Според неа, предлог заклучоците се неиздржани и се одраз на политички реваншизам.
– Како здравствен работник јас ја подржувам работата како на анкетната комисија така и на секој орган кој би придонел до расчистување на сите околности за овој случај, но не можам да останам нема на злоупотребата на овој процес за нелегитимно собирање политички поени инеоснована политичка дискредитација, стои во реакцијата на на Ирина Сотирова Бухова.