Сотировски: Општина Тетово уништува државен имот, потврда стигна и од Државното правобранителство

Како што напиша Сотировски на својот Фејсбук профил, Советот на Општина Тетово уште минатата година донел незаконска одлука со која градскиот стадион го доделил на јавно претпријатије. Право на доделување на државен имот има само Владата, а уште помалку некој има право да урива имот на државата, како во случајот со Градскиот стадион.

„Владата на Р. Македонија на 19.08.2015 година донела Одлука со која Градскиот стадион во Тетово го доделила на трајно користење на Општина Тетово. На ден 27.09.2023 година Советот на Општина Тетово донел незаконска Одлука бр. 08-12322/67 спротивна на чл. 18 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, со која Градскиот стадион во Тетово го доделил на трајно користење на Јавното претпријатие ‘Тетово транспорт‘, иако согласно прекршената одредба надлежност да дава корисничко право на државен имот има само и само Владата.
Согласно закон, користењето на стварите подразбира само право на нивна непосредна употреба. Корисникот нема сопственост, а со тоа ниту ги ужива правата на сопственик, односно не смее да ја менува или располага стварта која ја користи, уште помалку смее со багер истата да ја руши, или да ја пренесе на друг за тој да ја сруши. Тоа е каубојско самовластие и уништување на државен имот. Видно од Имотен лист бр.100857 КО Тетово 3 сопственост на имотот има Република Македонија. Согласно чл. 3 од Законот за користење и располагање со стварите од државна сопственост во името на Републиката право да располага со државната сопственост има Владата.
Друг проблем е што во моментов не постои одобрение за градење, ниту решение за рушење, ниту соодветни елаборати. Издадено е само Решение за подготвителни работи на инвеститорот ‘Тетово транспорт‘ кој нема законски засновано корисничко право, а кое подразбира само оградување на објектот и поставување помошни објекти. Рушењето на објектот кое го започна и лично првиот човек на општината е досега невиден чин на уништување на државен имот“, напиша Сотировски.

Ваквите незаконски дејанија, како што напиша тој, ги потврди и Државното правобранителство до кое поднел преставка.

„Како граѓанин, по првичната реакција на социјалните медиуми поднесов Иницијатива за оценување на уставност и законитост на спорната Одлука на Советот на Општина Тетово до Уставниот суд на 26.04.2024 година. Исто така, на 29.04.2024 година поднесов претставка и до Државното правобранителство кое е орган повикан да го штити државниот имот. Вчера на 16.05.2024 година добив писмено произнесување од Државното правобранителство со кое ги потврдува моите наводи и утврдува прекршување на Законот. Исто така, ме информираат дека покренале иницијатива до Владата и до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за заштита на државниот имот. Кога граѓаните би биле гласни, правниците упорни, а институциите внимателни и ажурни, не би ни се случувало ова“, пишува Сотировски.

На 12 април, Општина Тетово презентираше нов изглед на Градскиот стадион, а притоа градоначалникот самиот рушеше дел од трибините. Покрај видео презентацијата на новиот изглед на стадионот имаше ревијален фудбалски натпревар и настап на музичари само на албански јазик.

 

Back to top button
Close