Сотировски: Реагирав писмено до Синодот на МПЦ за настапот на владиката Агатангел

На констатацијата дека не е првпат да слушаме вакви партиско-политички агитации и оти често се случува и во џамиите пред избори верниците да бидат упатувани како треба да гласаат, Сотировски вели дека има сериозни резерви кон пропагирањето личности и партии не само од претставници на верските заедници туку и од сите јавни функционери

Директорот на Комисија за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, откри дека испратил писмен допис до Синодот на Македонската православна црква (МПЦ) за настапот на владиката Агатангел на 14 февруари – Денот на лозарите во Кавадарци, каде ја критикуваше власта, а ги величаше ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски.

„Секуларноста како уставноправен концепт може многу рестриктивно да се толкува и многу широко. Различни теоретичари различно ќе го поведат, но теоријата не е толку важна и пресудна. Јас ваквиот настап го квалификувам како крајно несоодветен. Лично, со оглед на прекрасната соработка која ја имам со МПЦ, која имаше став дека се оградува од неговиот личен настап, не би полемизирал медиумски многу во детали за ова. Се што сметав дека е направено како пропуст, го напишав во писмениот допис кој утредента го испратив до Синодот“,рече Сотировски, одговарајќи на прашањето дали може настапот на Агатангел да се смета како повреда на принципот на секуларност.

Зборувајќи за реакцијата што ја испратил до МПЦ, тој рече дека реакциите не треба секогаш да бидат медиумски експонирани туку треба да се допре до суштината на проблемот.

„Се надевам дека соодветно ќе биде разбрано укажувањето од Светиот архирејски синод и поглаварот, па дури и од митрополитот Агатангел“,очекува Сотировски.

Тој кажа дека претходно имал и други реакции, но веќе подолг период вели дека немало причина.

„Сум имал реакции во повеќе наврати, иако еден подолг временски период немало таква причина како оваа за да се реагира. Но, имало и многу усни разговори. Уште еднаш акцентирам дека имаме воспоставено партнерски однос, навистина разговараме за работите, не се надмудруваме и не дебатираме како спротивставени страни“,рече директорот на Комисијата.

На констатацијата дека не е првпат да слушаме вакви партиско-политички агитации и оти често се случува и во џамиите пред избори верниците да бидат упатувани како треба да гласаат, Сотировски вели дека има сериозни резерви кон пропагирањето личности и партии не само од претставници на верските заедници туку и од сите јавни функционери.

„За мене нема лоша критика кон власта доколку е издржана и секоја власт заслужува, доколку сака да се развива, да биде критикувана. Само така расте. Во тој поглед ништо не би коментирал. Но, имам сериозни резерви по однос на тоа да се пропагираат личности и политички субјекти дури и од лица кои вршат државни функции. Сметам дека не доликува, не само од црковник или верски великодостојник, туку од кој било носител на јавна функција, затоа што покрај правата имате и обврски кои налагаат многу повисоко ниво на одговорност. Вие одговарате пред сите граѓани на државата од кои посредно, во демократски услови, преку нивната изразена волја, сте го добиле мандатот“,рече Сотировски.

Во обраќањето на Св.Трифун – Денот на лозарите, Агатангел ја нарече ВМРО-ДПМНЕ најголемата и најсвета партија, додека партискиот лидер Христијан Мицкоски го нарече „нашиот претседател“ и кажа дека се надева оти Бог и Богородица ќе му помогнат нему (Мицкоски) и на соработниците да го вратат назад она што е свето македонско и нема да дозволат некој кој не ја чувствува Македонија национално да ја одредува судбината на оваа света земја.

На истиот настан во Кавадарци како претставник на Владата присуствуваше министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, кој кажа дека Агатангел ја „извалкал мантијата“, како и дека е „срам за црквата и народот“.

За Мицкоски, пак, говорот на владиката беше достоинствен и, според него, ги рефлектирал националните интереси и повикал на обединување околу нив.

Back to top button
Close