Соучество во стечајот на Еуростандард банка

Во денешнава колумна, посветена на стечајот на Еуростандард банка, посебно внимание ќе обрнам на политичкиот естаблишмент, кој беше на власт пред, за време и по стечајот на Еуростандард банка.

За многумина од вас составот на актуелната Влада е јасен. Социјал Демократскиот Сојуз со своите коалициони партнери и партијата на Албанците ДУИ, со повремено влегување и излегување на помалите политички партии од албанскиот блок, се дел од оваа Влада која владее полни 6 години.

Во ниеден момент не смее да се заборави и улогата на Претседателот на државата, бидејќи во ингиренциите утврдените со уставот, несомнено дека Народна банка која го официјализираше стечајот е под делимична контрола и на самиот претседател.

Токму Претседателот на државата го има правото да предлага Гувернер на Народна банка.

Стечајот како алатка за регулирање на стопанството со закон е утврден во нашата држава. Стечај на правни субјекти имало и ќе има. Меѓу правните субјекти, банката има посебно место во севкупниот стопански живот во државата, бидејќи самата постапка на отварање фирма како правно лице и отварање на банка, изискува многу повисоки критериуми.

Банката од друга страна претставува дел од севкупниот финансиски свет на државата, а Народна банка е регулатор на севкупниот банкарски живот во државата. Невозможно е, а праксата сама по себе тоа го потврдува, да се носи банка во стечај без амин од политичките субјекти кои се на власт.

Како поткрепа на ваквото мое толкување се две случувања.

Најпрво Екс-Министерката за финансии во Владата на Премиерот Заев, Нина Ангеловска го повлекува од Еуростандард банка својот депозит. Министерката Ангеловска пред повлекувањето на депозитот во континуитет беше редовен и задоволен клиент на банката.

Дефинитивно заклучувам дека добила сигнал од високите структури во државата дека се спрема стечај на Еуростандард банка. Таквиот сигнал во ниеден момент не можел да дојде од нас, акционерите во банката и вработените.

Второто случување е Техничката Влада на Република Македонија, предводена од Техничкиот Премиер Оливер Спасовски. Имено, оваа Влада поради вонредната состојба која траеше во Република Македонија цели 97 дена, носи две контрадикторни уредби со сила на закон, објавени во Службен весник на Република Македонија.

Првата уредба со која се лимитира отворање на стечај на било кое правно лице, по завршувањето на вонредната состојба од три месеци е обзнаена во Службен весник на ден 24 февруар 2020 година. Со исто таква уредба, ама овој пат објавена на 29 мај 2020 година, се укинува периодот од три месеци за покренување на стечај на правни лица, што во пракса значи завршување на вонредна состојба и стечај веднаш.

Техничката Влада истовремено им забрани на банките да вршат присилна наплата за време на вонредната состојба.

Народна банка која го изврши овој злостор многу добро процени дека стечајот треба да се реализира веднаш по завршувањето на вонредната состојба и предвремените парламентарни избори. Зошто ваков заклучок?

Еуростандард банка за време на целиот период во вонредната состојба немаше право да работи со правни и физички лица. Кога ќе ја додадеме и одлуката на Техничката Влада за одземање на правото за присилна наплата, во периодот на вонредната состојба, доаѓаме до заклучок дека банка која не може да ги обавува своите базични дејности , да работи со правни и физички лица, а згора на тоа да не може присилно да ги наплатува своите побарувања, осудена е на смрт.

Веселата математика на Народна банка која само за 5 месеци успеа да ја симне адекватноста на капиталот од 5,6% кон крајот на февруар 2020 година на минус 4% кон крајот на јули истата година, говори за тенденциозноста дека банката мора да се уништи.

Народна банка во континуитет не ги користеше инструментите кои ѝ стоеа на располагање за стабилизација на банката, а тоа се вонредни мерки и админстрација.

На Народна банка и пречеше нашата одлучност како акционери да ја стабилизираме банката, бидејќи во февруар месец 2020 година докапитализиравме цели 13 милиони евра и најдовме стратешки партнер кој ги исполнуваше сите услови побарани од Народна банка. Нашата посветеност не ѝ одговараше на Народна банка или поточно на нејзините налогодавци.

Почитувани читатели, јас продолжувам со мојата борба на сите полиња и бидете убедени дека ќе го изнесам пред лицето на правдата секој поединец и институција кои директно или индиректно се замешани во овој злостор.

За мене и молкот на институциите е злостор, а вие размислете…

 

Трифун Костовски

Back to top button
Close