Совет на амбасадори: Крајно време е да се креира и усвои визија, мисија и стратегија за спроведување на надворешната политика на државата

Советот на амбасадори порачува дека е крајно време, претседателот на државата, партиите застапени во Парламентот, Владата и МНР, во соработка со научни, стручни и стопански институции и организации, поранешните претседатели и истакнати поединци од земјата да креираат и усвојат визија, мисија и стратегија за спроведување на надворешната политика на државата.

Покрај тоа, посочуваат од Советот, треба да одредат ниво на транспарентност во процесот на преговарање, усвојување и потпишување на мултилатерални и билатерални договори, кои ги допираат идентитетските прашања (нација, етникум, јазик, литература, култура, историја) на македонскиот и останатите народи во земјата, како и да се залагаат за непартизација на дипломатскиот сервис и негова  професионализација, согласно стандардите на ЕУ.

– Од моментот на  осамостојувањето, па сѐ до денес, Северна Македонија се наоѓала во состојба на разновидни блокади, уцени, ултиматуми и други видови препреки при зачленувањето на земјата во Обединетите Нации, признавањето од Европската Унија и членството во НАТО. А, најгруба, и во историјата на ЕУ досега незабележана блокада, е поставена пред отпочнувањето преговори на земјата со најдемократската Унија на држави, велат од Советот на амбасадори.

Од таму сметаат дека освен надворешниот фактор, за некои од спомнатите состојби се одговорни и сите политичките партии од Северна Македонија, а најодговорни се најголемите.

Во однос на кадровската политика на дипломатскиот сервис, Советот на амбасадори, повторно укажува на потребата од напуштање на  досегашната пракса на партизирани унапредувања и именувања и примена на сосема поинаков пристап, согласно стандардите на ЕУ и земјите со развиени и успешни дипломатски служби.

– Одредени постапки во досега применуваниот систем, сериозно го уриваат угледот на македонската дипломатија и на државата во целина. Советот на Амбасадори цени дека во МНР нема доволен број на докажани кадри од високодипломатски ранг и смета дека при поставувањето на идни амбасадори треба да се користи можноста и за избор на личности, кои се надвор од МНР, Парламентот или Владата, односно од Кабинетот на Претседателот на државата, велат од Извршниот одбор на Советот на амбасадори.

Back to top button
Close