Совет на Општина Гевгелија: МТСП да ја разреши директорката на градинката „Детска радост“

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) да ја разреши директорката на градинката „Детска радост“ во Гевгелија поради нестручно и несовесно работење, која наместо да ги суспендира одговорните за инцидентот, се обидела да го прикрие, гласи една од препораките кон Министерството кои Советот на Општина Гевгелија ги донесе по одржаната седница на 25 ноември.

Препораките кои Советот на Општина Гевгелија ги насочи кон МТСП се во врска со неодамнешниот настан во градинката „Детска радост“, за кој информираше ВМРО-ДПМНЕ, а за кој посочи оти директорката на градинката во се обидела да прикрие насилство врз 10-месечно бебе згрижено во установата.

Совет на Општина Гевгелија

„Овој заклучок со препораки произлезе од дискусијата на членовите на Советот на Општина Гевгелија со која се констатираше дека во градинката ‘Детска Радост’ во Гевгелија во континуитет се случуваат инциденти, а никој досега не сноси одговорност за нив. Исто така извештајот од инспекторатот при МТСП е неприфатлив во ваква форма за советниците. Од таа причина Советот на Општина Гевгелија заедно со градоначалникот, по исцрпната дискусија, решија да испратат препораки до МТСП, со цел ставање крај на хаосот во оваа институција“,се наведува во соопштението од Советот на Општина Гевгелија.

Во дел од препораките до МТСП се наведува дека Министерството треба да ја врати надлежноста на Советот и градоначалникот на Општина Гевгелија во делот за донесување на годишна завршна сметка на градинката „Детска Радост” Гевгелија, како и во делот на избор на кандидат за директор предложен од Управниот одбор на градинката.

Дополнително, се додава дека МТСП треба да ја врати надлежноста на Општина Гевгелија во делот за именување и разрешување на претставници од родители на деца кои се згрижени во градинката „Детска Радост” во Управниот Одбор на градинката.

По обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за инцидентот во градинката во кој, како што кажаа, 10-месечно бебе се стекнало со тешки телесни повреди, од МТСП посочија оти е извршен вонреден инспекциски надзор во градинката, а дека бебето имало гребнатинки кои ги добило играјќи си со другите дечиња. Директорката на градинката, пак, како што соопштија од МТСП, поднела предлог за дисциплинска постапка против негувателките.

Дополнително, од Министерството побараа ВМРО-ДПМНЕ да не ги користи и злоупотребува децата за политички цели и ја обвинија локалната власт во Гевгелија предводена од оваа партија, дека во неколку наврати го прекршила Законот за заштита на децата и затоа ѝ биле одземени и надлежностите, вклучително и за поставување директор.

Back to top button
Close