Советник во Општина Велес од редовите на СДСМ си поднесе оставка од функцијата: Ова е морален чин по изборниот пораз

Според Гајдов, една работа е суштински вистинита и СДСМ треба да го прави во иднина, а тоа е многу да внимава на кадровските решенија и понуди што ќе ги има не само на локално, туку и на државно ниво

Кирил Гајдов, член на Советот на Општина Велес од СДСМ, си поднесе неотповиклива оставка од советничката функција. Причината за поднесената оставка, Гајдов вели дека е поради поразот на неговата партија на претседателските и парламентарните избори.

„Причината е повеќе од очигледна и јасна. Кога човек е долги години во политика и кога ќе биде поразен, како што јас и мојата политичка опција сме поразени на изборите кои поминаа, сфаќа дека ја изгубил поддршката од граѓаните на Велес и се повлекува со цел да овозможи нови, млади или помалку искусни кадри да се профилираат, да се пронајдат себеси во некои идни времиња“вели Гајдов во изјава за порталот „Дума“.

Суштината, според него, е и малку подлабока од причина што многу работи, како што вели, се искажаа во кампањата, се потиснаа, многу работи се пласираа.

Според Гајдов, една работа е суштински вистинита и СДСМ треба да го прави во иднина, а тоа е многу да внимава на кадровските решенија и понуди што ќе ги има не само на локално, туку и на државно ниво.

„Сè додека со политика се занимаваат луѓе коишто прво вработување им е висока политичка функција, а не одредено искуство во области во сферата на општествено и економското живеење на општината и државата, ваква ќе биде ситуацијата“,додава тој.

Неговиот потег смета дека треба да биде мотив и поттик за сите директно или индиректно инволвирани во поразот на СДСМ.

Гајдов вели дека ќе останел во СДСМ бидејќи тоа била неговата матична партија и се става на располагање за помош и поддршка.

На прашањето дали општинската организација на СДСМ знае за неговата одлука, тој рече дека одлуката е само негова како резултат на морален и етички чин на политичко искуство и вели дека е со цел да ги мотивира оние за кои смета дека се директно причинители за тешкиот пораз на СДСМ

„Ако веќе не си поднеле оставки час поскоро да го направат тоа и да ја остават партијата на оние кои искрено ја сакаат, оние кои можат, знаат, умеат да се носат со правите социјалдемократски вредности, а не оние кои се т.н социјалдемократи, на кои партијата им беше само една отскочна штица за одредени лукративни причини или некои други нив познати причини“,додава Гајдов.

Одговорност за изборниот пораз минатата недела прифати заменик-претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, која рече дека функцијата ја извршувала одговорно, совесно и чесно, а оти на отчетниот конгрес на СДСМ неминовна e отворена, искрена и самокритична анализа на погрешните чекори, на лошите кадровски решенија.

Поразот на претседателските и парламентарни избори донесе оставки во СДСМ и на заменик-претседателката Сања Лукаревска, потпретседателите Фатмир Битиќи и Перо Костадинов, како и претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Јованка Тренчевска.

Back to top button
Close