Советот на јавни обвинители избра нов претседател

Мандатот на претседателот на обвинителскиот совет трае две години, без право на реизбор, а тој треба да биде од членовите на Советот, кои се избрани од редот на јавните обвинители

Досегашниот претседател Ацо Колевски (лево) и новоизбраниот Антонио Јолевски (десно)

Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија денеска избра нов претседател откако на досегашниот, Ацо Колевски, му заврши двегодишниот мандат.

За нов претседател е избран Антонио Јолевски. Како што објави Коалицијата „Сите за правично судење“, која врши мониторинг на седниците, тој бил избран едногласно од преостанатите членови на Советот.

 

Јолевски потекнува од Битола. Како обвинител почнал да работи во 2003 година, кога е избран за заменик-јавен обвинил во Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола. Од 2012 до 2018, пак, е шеф на ОЈО Битола, а од 2018 работи како обвинител во истото обвинителство. За член на Советот на јавни обвинители беше избран минатата година.

Мандатот на претседателот на обвинителскиот совет трае две години, без право на реизбор, а тој треба да биде од членовите на Советот, кои се избрани од редот на јавните обвинители.

Советот е составен од 11 члена, од нив четворица ги избира Собранието од редот на универзитетските професори по право, адвокати, поранешни судии во Уставен и во меѓународни судии и од други истакнати правници.

Шест члена, пак, се јавни обвинители: еден го избира Јавното обвинителство на РСМ, по еден се избира од подрачјата на вишите обвинителства во Битола, Гостивар, Скопје и Штип, а еден е припадник на заедницата која не е мнозинство во Републиката и него го избираат сите јавни обвинители.

По функција, член е и републичкиот обвинител, во случајот Љубомир Јовески, но тој не може да биде избран за претседател на Советот.

Back to top button
Close