Советот на Европа предупредува за расно профилирање во полициските служби

Комисијата на Советот на Европа за борба против расизмот и нетрпеливост (ЕКРИ), во која членуваат 47 земји-членки, предупредува за расното профилирање, како и за расизмот и системските нееднаквости, за проблемите со кои Европа се соочува денеска. ЕКРИ ги повикува европските влади да испратат силен сигнал и решително да постапат, дури и ако споменатите случаи се само изолирани настани, и потврдува дека довербата ставена во полицијата од страна на целото општеството ја зајакнува безбедноста на сите, јави дописникот на МИА.

-Расното профилирање претставува специфична форма на расна дискриминација и мора експлицитно да биде забрането со закон. Тоа создава чувство на понижување и неправда во групите што се предмет на тоа, доведува до нивна стигматизација, до производство на негативни стереотипи кон нив и кон нивно отуѓување и тоа им штети на добрите односи меѓу заедниците. Според Европскиот суд за човекови права, расното профилирање може да доведе до „институционализиран расизам, се вели во соопштението на ЕКРИ.

ЕКРИ ги повикува земјите-членки на Советот на Европа да преземат мерки во оваа област, започнувајќи од развој на процедури за регрутирање кои гарантираат дека  составот на полициските сили ја одразува различноста на населението, па се до создавање на целосно независни тела одговорни за испитување на наводите за злоупотреба на полицијата.

-Од суштинско значење е да се создаде полициска култура според која се смета дека расизмот нема место во полицијата и според која превенцијата и борбата против расизмот продолжува во сите околности, се додава во соопштението.

ЕКРИ ги повикува сите политички носители на одлуки во земјите членки на Советот на Европа да ги искористат перспективите што ги  даваат овие настани за да испратат јасна порака за нулта толеранција и да дејствуваат ефикасно против расизмот и дискриминацијата во активностите на полицијата и другите полиња за да се унапреди спроведувањето на препораките на ЕКРИ и да се подигне свеста за историската димензија на расизмот и нееднаквоста, особено колонијализмот и ропството, чии наследства влијаат на Европа како целина.

Back to top button
Close