Советот на Европа забележа напредок во децентрализацијата на овластувањата кон локалните власти

Во препораката, која денеска ја усвои Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа, се наведува и дека е потребна поголема јасност во законите и практиката за понатамошно подобрување на реформите

 

Во Македонија постои политичка посветеност на децентрализацијата, но потребна е поголема јасност во законите и практиката за понатамошно подобрување на реформите за децентрализација во земјата, се наведува во препораката која денеска ја усвои Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа, објави италијанската информативна агенција Сир.

Коизвестувачите Харалд Бергман (Холандија) и Зденек Броз (Чешка) ја поздравија големата посветеност на Македонија во процесот на децентрализација на овластувањата, како што може да се види од усвојувањето на новата Програма за одржлив локален развој и децентрализација 2021-2026 година.

Се забележува и дека по претходната препорака од 2012 година е потпишан и ратификуван Дополнителниот протокол кон Европската повелба за локална самоуправа. Сепак, според Харалд Бергман, постои континуиран недостиг на јасност во законите и во практиката во однос на поделбата на надлежностите, што доведува до нивно преклопување.

Тој, исто така, истакнува дека на властите им требаат соодветни финансиски ресурси за да ги извршуваат своите задачи бидејќи општините и понатаму се во голема мера зависни од трансферите од централната власт.

„Неопходно е да се зголеми усогласеноста со обврските за интегритет при локалните состаноци“, .

заклучуваат коизвестувачите.

Во препораката Конгресот ги повикува властите во земјата „да ги решат постојните проблеми и дополнително да ѝ делегираат овластувања на локалната самоуправа“.

Потребно е соодветно финансирање, вели Конгресот, повикувајќи ја македонската влада „да го зголеми уделот на општините кои доаѓаат од приходите во локалниот буџет“.

Националните власти, исто така, се охрабруваат да ја подобрат дигитализацијата, дополнително да ги консолидираат антикорупциските мерки и да спроведат програми за градење капацитети на локално ниво.

Македонија ги спроведува препораките на Конгресот, изјави заменик-министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски, кој денеска учествуваше и се обрати преку видео врска, пренесе МИА.

„Исклучително сме свесни за улогата на Конгресот на локални и регионални власти и за нас се многу важни извештаите и препораките што произлегуваат од вашата работа, како врвен стандард во самооценката до каде сме и на што треба да се фокусираме во наредниот период“,

рече тој.

Димитровски потоа зборуваше за актуелниот момент на одржување локални избори, при што нагласи дека „првиот круг поминал во коректен изборен амбиент без нарушувања на изборниот процес, а главна карактеристика на овие избори била понудата не само од политички партии туку и од независни кандидати и листи за советници кои што се ангажирани во граѓанскиот сектор.“

Заменик министерот ги наведе активностите на Министерството за локална самоуправа и другите надлежни министерства во изминатиот период во правец на подобрување на системот на локалната самоуправа, како што се усвојувањето на Стратегијата за регионален развој 2021-2031 година, како и Програмата за одржлив локален развој и децентрализација за периодот 2021-2026 година. Потоа зборуваше за мерките и активностите што Владата ги презема за подобрување на финансиските капацитети на општините како што беше еднократната помош од буџетот за отплаќање на 51 отсто од долговите, но и најновото предлог-законско решение за зголемување на стапката од ДДВ што е наменета за општините од 4,5 на 6 отсто, сукцесивно, почнувајќи од 2022 година и зголемување на приходите на општините од средствата од персоналниот данок од кој наместо досегашните три отсто, сега за општините ќе бидат наменети шест отсто.

Back to top button
Close