Советот на Град Скопје без одлука за проблемот со приватните автобуски превозници

oznorCO

На продолжението на 19-та седница на Советот на Град Скопје посветена на советнички прашања, во однос на проблемите со приватните автобуски превозници, повторно немаше решение. Седницата помина со меѓусебни обвинувања помеѓу советниците на градското Собрание, особено од советниците на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и директорот на Јавното сообраќајно претпријатие, Александар Стојковски.

Покрај тврдењето на градоначалничката Арсовска и в.д. директорот на ЈСП, Стојковски, дека нема долг кон приватните превозници, дека сите фактури се исплатени и дека имало злоупотреба околу продажбата на билети, советниците тврдеа дека има заостанат долг од 90 милиони денари од страна на ЈСП кон приватните превозници и бараа одговор кога тие пари ќе бидат исплатени.

– Во период од моето доаѓање, па до овој ден, сите нивни фактури од моја страна се исплатени. Долгот кој ЈСП го има кон приватните превозници е нивно тековно побарување. Ако сметаат дека се пробиени роковите нека поднесат тужба, истакна Стојковски.

Според него, договорите со приватните превозници остануваат исти, како што биле и досега.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на истата седница најави дека ќе има нов јавен повик за приватните автобуски превозници, со цел, како што рече, тие што сакаат да работат да можат чесно да заработуваат.

– Има договорни обврски, некој не ги почитува тие обврски, некој престана да вози во интерес на граѓаните. Договорите се раскинати. Ќе има нов јавен повик, сите тие коишто ги исполнуваат тие услови коишто ќе бидат поставени во тој јавен повик ќе се пријават и ќе можат да си ја остваруваат својата дејност чесно, рече Арсовска.

Таа додаде дека го подржува правото на протест, но, како што кажа, доколку не биле плаќани требало да има опомена пред тужба, па после и тужба и дека тоа, според Арсовска, е договорен однос.

Од друга страна советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, тврдеше дека ако ЈСП не ги исплати приватните превозници, долгот од скоро два милиони евра по судски процес ќе се зголемува.

Тој праша зошто до сега не се исплатени 90 милиони денари достасани долгови до двата приватни превозници и кога овие пари ќе се исплатат, како и доколку приватните превозници го тужат ЈСП тогаш долгот кој во моментот е најголем во историјата достигнува скоро 2 милиони евра, ќе треба претпријатието да плати и пенали и судска казна.

Од друга страна блокадата на крстосницата кај ТЦ „Мавровка”, односно помеѓу булеварите „Гоце Делчев” и „Крсте Петков Мисирков” се уште трае, и, според изјавите што претставници на „Макекспрес” и „Слобода превоз” утрово ги дадоа за МИА, ќе продолжат и утре, односно се додека не се исполнат нивните барања.

Back to top button
Close