Советот на Град Скопје изгласа иницијатива за дислокација на цементарницата „Усје“ надвор од Скопската котлина
На иницијатива на советниците на „Зелен хуман град“ (ЗХГ), Советот на Град Скопје на вчерашната седница едногласно усвои заклучок за отпочнување постапка за дислокација на цементарницата „Усје“ и сите големи индустриски загадувачи надвор од Скопската Котлина.

Со заклучокот, кој беше изгласан од советниците со мнозинство од 41 глас „за“, градоначалникот на Град Скопје се задолжува да се обрати до Владата за разгледување на начинот за отпочнување на постапката за дислокација.
Советниците усвоија и заклучок со кој Град Скопје се задолжува да се обрати до Министерството за животна средина и просторно планирање со барање за испитување на работењето на „Усје“ и сите големи индустриски загадувачи и дали истите целосно ги исполнуваат сите обврски и критериуми кои произлегуваат од важечката дозвола за работа и релевантната еколошка регулатива и во најбрз рок да го известат Советот за резултатите.
Од Државниот инспекторат за животна средина се бара да изврши серија ненајавени инспекциски надзори врз работењето на „Усје“ и големите индустриски загадувачи со цел утврдување на фактичката состојба, почитувањето на еколошките стандарди и примената на мерки за заштита на животна средина и здравјето на граѓаните.
Меѓу заклучоците усвоени од советниците на Град Скопје е и заклучокот со кој се повикува Општина Кисела Вода, врз основа на наодите и параметрите добиени од МЖСПП и од ДИЖС да води особена сметка при натамошната изработка и усвојување на деталните урбанистички планови и истите да ги земе предвид при идните урбанистички плански постапки. Истата обврска се однесува и на останатите општини во Град Скопје и на Градот Скопје.
Вчерашната седница на Советот на Град Скопје, која траеше повеќе од 10 часа, се одржа додека паралелно граѓани протестираа против работата на цементарницата „Усје“ и бараа нејзина дислокација






