Советот на обвинители прокоцка златна шанса
Советот на јавни обвинители реши да ги почести со зелено светло сите четири од пет кандидати за функцијата главен државен обвинител.

Петтиот, не ги исполнувал, рекоа условите за стажот. Така, тие без да ризикуваат да се замерат со колегите, решија да ја применат децениската формула за опстојување – медиокритетство, формалност, бегство од суштината и бегство од одговорноста. Со овој нивен чин тие и го дадоа на тацна на Владата, скапоценото право, да си избере обвинител по своја мера. Кога велиме Владата, читајте партијата ВМРО-ДПМНЕ. А кога велиме партијата читајте партискиот лидер и актуелен премиер. Затоа што во досегашната политичка историја не се случило да се изврши кадровски избор кој не е по волја на најмоќниот човек во политиката. И кога биле СДСМ и кога се ВМРО-ДПМНЕ.
Така тажно ќе заврши уште една епизода од вечниот македонски филм за борба против корупцијата и организираниот криминал, и за јакнење на институциите кои треба да бидат ударната тупаница во оваа битка. Обвинителите од Советот, можат мирно да спијат. Кога и да се сретнат со кандидатите за главен обвинител ќе добијат поздрав и можеби покана за кафе, затоа што тоа и им било единствената цел. Да не се замерат со колегите. А функцијата не е ни важна. Нека си избере Владата кого сака за обвинител. Важно е дека тие не мораа да донесат одлука.
Дали таков однос кон задачите што ги налага професијата, заслужува обвинителството да добива поддршка во борбата за политичка независност. Ако самиот Совет на јавни обвинители не сака да ја практикува независноста што му ја дава Уставот, зошто јавноста, медиумите, експертите да ја бијат нивната битка? И зошто премиерот, на пример, да ги почитува обвинителите, а во нормална држава треба да ги почитува, кога понизно му рекоа тој да си избере обвинител оти тие не можат да одлучат. Сите кандидати биле добри.
Советот не сака да има фаворит
Добредојдовте во македонската реалност. Денес нема да бидеме свои и независни, ќе бидеме од утре. На конференции е полесно да се зборува отколку да се застане зад својата функција и да се направи избор на државен јавен обвинител. Па да и се даде на политиката да го верификува во парламентот. Или ако не го сака, нека се испоти да објасни зошто не го сака. Изгуби Советот на јавни обвинители златна шанса да застане цврсто зад професијата и да го избере најдобриот од најдобрите. Што тоа не знае Советот за обвинителите кои се пријавија за главен обвинител, а го знаат Владата и парламентот па ќе направат подобар избор?
Тоа е уште еден показател дека во македонското општество и натаму постои праксата на затворање очи. Или немешање во својата работа. Незаинтересираност да се чува интегритетот на институцијата. Одлуката на Советот на јавни обвинители не е ни знак на колегијалност. Тоа е знак на малодушност, одбивање да се прифати одговорност, понизност кон другите обвинители, послушност кон власта. Изберете си вие кого сакате, да не биде дека ние имаме фаворит. Па треба да имате почитувани членови на Советот на јавни обвинители. Вие треба да имате фаворит. Власта не треба да има. Кому јавноста ќе верува повеќе. На вашиот избор или на изборот на политичарите.
Одлуката да се даде зелено светло на четворица кандидати за нов обвинител само го зголеми разочарувањето и ги поткопа надежите дека во Македонија ќе има напредок на полето на независност на правосудството и на борбата против корупцијата и криминалот. Ако се нема храброст да се оценат обвинители во трката за највисоката обвинителска функција, зошто да очекуваме храброст во гонењето на сторители на криминал кои многу често се преоблечени во скапо политичко руво.
Поткопана Антикорупциска комисија
Надежите, патем, се поткопани и поради вториот скандал во Антикорупциската комисија со нејзин член. За две години „летнаа“ двајца антикорупционери кои се покажаа недостојни за таа улога. Но не „летнаа“ затоа што самите сакаа, или затоа што нивните колеги реагираа, туку затоа што беа откриени. Изостана свеста, и внатрешните механизми олицетворени пред сѐ во човечкиот материјал, да се штити институцијата од компромитирање.
Тоа значи дека не може да ѝ се верува веќе ниту на Антикорупциската комисија. Во која неколку добро „ухлебени“ луѓе гледаат да си го поминат мандатот и да не ги боли глава од многу расправии. Така беше и во случајот со претходната претседателка која и покрај јавниот срам со месеци калкулираше дали да се повлече. А потоа и случајот со антикорупционерката Цвета Ристовска за која партиите гласаа иако добро знаеле дека членови на нејзиното најтесно семејство им се клиенти.
Оттука не треба да нѐ чуди што и оваа година во рангирањето на Транспаренси Интернешнел државата не покажа напредок во борбата против корупцијата. Да потсетиме дека корупцијата се нотира секоја година и во извештаите на ЕУ за нашата држава, и секоја година слушаме за „посветеноста“ корупцијата да биде искоренета. Но засега нема знаци на подобрување. Кучињата лаат, карванот си врви.






