Советот треба да дискутира дали воопшто ќе има бесплатен јавен превоз за кого било поради долгот на централната власт кон ЈСП, вели Арсовска
Мислам дека пред советниците во Советот на Град Скопје од нивна страна ќе биде иницирано дали воопшто кој било ќе има бесплатен јавен превоз поради долгот што централната власт го има кон Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, изјави денеска скопската градоначалничка Данела Арсовска.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска на примопредавањето на донацијата од ЕУ од 6 екоавтобуси на ЈСП
„Веќе четврта година ние имаме проблем со тоа централната власт да го исплати долгот којшто го има кон ЈСП, тоа се веќе осум милиони евра, а од почетокот на следната година ќе бидат 10 милиони евра долг. Така што, веќе не можеме да дискутираме за бесплатен јавен превоз не само за студентите од приватните универзитети, туку мислам дека и пред советниците од нивна страна ќе биде иницирано дали воопшто кој било ќе има бесплатен јавен превоз со оглед на фактот дека сите оние кои би требало своите обврски за плаќање кон јавните претпријатија од централните власти да ги исплаќаат не ги исполнуваат“изјави Арсовска.
На прашањето дали тоа ќе значи дека ќе се укине и бесплатниот превоз за пензионерите, Арсовска вели дека тоа е одлука којашто ќе мора да ја донесат советниците и Советот на Град Скопје затоа што тоа, како што рече, зависи првенствено од субвенциите од Буџетот кон ЈСП кои во континуитет деценија наназад пристигнуваат од Владата како субвенции на студентскиот стандард.
„Со тие средства се исплаќаат кредитите коишто ЈСП ги имаше земено коишто изнесуваат околу 2 милиони евра годишно, кои во моментов Градот Скопје ги покрива за ЈСП, а не било кој друг. Тие требаше да се исплаќаат од она што ќе беше субвенциониран студентски стандард, односно превоз бесплатен за студентите и имајќи го предвид тоа дека неисплатениот долг од страна на властите кон ЈСП од јануари ќе биде 10 милиони евра, советниците се тие коишто ќе мора да одлучат што е тоа коешто ќе се случува зашто не може да нема покритие на трошоците и овој 30-годишен загубар само ќе тоне се повеќе во долгови“додаде скопската градоначалничка.
Можеби, како што рече, тоа е и крајната цел и додаде:
„Не знаеме која е агендата зад тоа што четврта година по ред не се плаќаат долговите од страна на Владата, меѓутоа очекуваме јасно да биде кажано дали имаат намера да продолжат со оваа мерка или не затоа што тоа е обврска и одлука што тие ја имаат како влада, а Советот ја има поддржано.